Авганистан е една од најбогатите држави во светот, гледано од перспектива на резерви на руда и други природни ресурси. Па сепак, оваа азиска земја тоне во беда, а најголем дел од приходите од незаконската експлоатација и трговија со природни богатства оди во рацете на мафијашките групи или радикалните организации.
Природните резерви на литиум во Авганистан во паричен еквивалент можат да се изедначат со природните резерви на нафта во Саудиска Арабија. Авганистан исто така има барем две милијарди тони железна руда, а резервите од гас се проценуваат на билион долари.
Па сепак, локалната социјална организација „Транспарентност“ вели дека авганистанската влада фактички не ги контролира паричните текови и не може на вистински начин да располага со сите природни ресурси. Најголем дел од приходите од незаконската експлоатација и трговија со природни богатства оди во рацете на мафијашките групи или радикалните организации.
Средствата од буџетот и меѓународната економска помош се трошат на многу неефикасен начин, вели претставник на организацијата „Транспарентност“, Насер Тајмури.
-За жал, владата не може ефикасно да управува со сите природни богатства во државата. Имам во предвид тоа дека официјалниот рударски сектор се наоѓа во многу лоша положба, а приходите од илегалната експлоатација на рудните богатства кои се продаваат на црно одат во рацете на мафијата и екстремистичките организации, кои на тој начин ги финансираат војните против авганистанскиот народ- објаснува Тајмури.
Според пишувањето на информативната агенција „Џомхур“, количината на неодамна истражените резерви на литиум, железо, бакар, кобалт и злато се толку големи што би можеле оваа земја, со правилна експлоатација и легална продажба на ресурсите, да ја претворат во една од најбогатите светски држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.