Француската пратеничка и внука на лидерката на екстремно десниот Национален фронт (ФН), Марин Ле Пен, Марион Марешал-Ле Пен денеска соопшти дека нема да се кандидира на претстојните парламентрани избори и дека ја напушти функцијата шеф на советничката група во ФН во Советот на регионот Прованс-Алпи-Азурен Брег (ПАКА), поради лични причини, јави дописникот на МИА од Париз.
Нејзината одлука не е изненадување во рамките на партијата, каде што младата пратеничка покажа извесна загриженост од пред неколку месеци, особено по регионалните избори од 2015 година.
За време на претседателската кампања во која нејзната тетка Марин Ле Пен ги бранеше боите на Националниот фронт, весникот „Канар аншене“ уште на 5 април обелодени дека младата пратеничка го информирала нејзиниот персонал за намера да не се кандидира за втор претенички мандат и да ја напушти функцијата Советот на ПАКА.
Мотивите на внуката на Марин Ле Пен се многубројни. Таа како мајка на мало девојче вели дека сака да мине повеќе време со детето и смета дека „жртвите што ги бара политичкиот живот чинат многу време“. Марион Марешал-Ле Пен, исто така, често објаснуваше дека не сака да се фокусира исклучиво на политичка активност и дека сака да има и други професионални искуства.
Нејзиниот дедо, Жан-Мари Ле Пен, кој одигра многу важна улога во нејзиниот политички ангажман, неодмна изјави дека не гледа како неговата внука може да размислува за напуштање на нејзините политички функции. Споре него, политичката тежина на Марион Марешал-Ле Пен, особено на регионално ниво, е голема и нејизната одлука ќе има тешки последици за партијата.
Во текот на претседателската кампања Марион Марешал-Ле Пен неколку пати имаше несогласувања со нејзината тетка Марин обвинувајќи ја дека премногу го слуша партискиот потпретседател Флоријан Филип, кој според неа има премногу големо влијание во партијата.
Таа никогаш не го оспори лидерството на нејзината тетка, но смета дека Марин Ле Пен и дала премногу простор на политичка линија која ја доведе во судир со основите на Националниот фронт.
Според неа, идеолошката основа на ФН е либерална, конзервативна и католичка базирана на одбрана семејните вредности, а обидот на Марин Ле Пен да привлече гласачи на левицата, го нарече „лев лепенизам“, кој според неа ги покажал своите граници.
Марин Ле Пен ноќта по изборниот пораз најави дека е решена фундаментално да го трансформира Националниот фронт, па некои од соработниците на Марион Марешал-Ле Пен чекаат да видат што ќе се менува. Оваа недоверба на некои избрани претставници на партијата, разочарани од неуспехот во вториот круг и од конечниот резултат, исто така, можат да бидат објаснување за откажувањето на Марион Марешал-Ле Пен од политиката, која не сака да се најде во првата линија на фронтот против нејзината тетка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.