| четврток, 6 декември 2018 |

Утре е Скопскиот атлетски маратон – ќе трчаат рекордни 8.500 натпреварувачи

Минатогодишните победници, Кенијците Гладис Јепкураи Бивот во женска и Кипротич Кируи во машка конкуренција, ќе трчаат на утрешниот 13-ти Скопски маратон, на кој ќе има најголем број учесници досега, околу 8.500 од 51 земја.
На Скопскиот маратон ќе има пет трки: маратон (41,195 км), полумаратон (21,097 км), хуманитарна трка на пет километри, трка „Тим билдинг“ на пет километри и штафетна маратонска трка (четири пати по 10,5 км).
Кенијците на годинашниот маратон ќе имаат уште шестмина претставници. Македонија ќе има ги најдобрите маратонци и полумаратонци.
Почетокот на маратонската трка е во 8.30 часот, 30 минути порано од предвиденото, за да се избегнат високите температури и спарината, која претходните години им создаваше големи проблеми на сите учесници.
Наградниот фонд изнесува 17.500 евра, од кои најдобрите би можеле да добијат вкупно по 4.100 евра, како награда за првото место и за најдобро истрчаното време. Сојузот на спортови на градот Скопје е организатор на маратонот. Главен покровител е Собранието на градот Скопје, потоа Агенцијата за млади и спорт, која помага со 300.000 денари, Атлетската федерација на Македонија, Атлетскиот клуб Работнички и други помагатели и спонзори.
Утре во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим, особено во деловите и улиците од градот каде што ќе се одвива трката. Се трчаат два круга, од плоштадот „Македонија“, во правец кон населбите Карпош, Хром, потоа и Јане Сандански и назад.
Промоторки на годинашниот Скопски маратон се трите сестри близначки од Естонија, Лејла, Лина и Лили Луик, кои иако првично најавија дека ќе трчаат на хуманитарната трка на 5 км, сериозно размислуваат утре да настапат на полумаратонот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top