За време на изборната кампања од францускиот географ и автор Кристоф Гији беше побарано да опише што би значел дуелот меѓу Ле Пен и Макрон.
– Тоа ќе биде совршено. Тоа ќе биде хемиски чисто. Тоа ќе биде битка за Франција – изјави Гији, чијашто книга „Периферна Франција“ се осврнува на влијанието на глобализацијата во заборавените градови во Франција и на подемот на Националниот фронт на Ле Пен.
Да погледнеме каде се линиите на фронтот во борбата за Франција меѓу Макрон и Ле Пен.
Европа
Ле Пен веќе долго време инсистира на потребата Франција да се откаже од единствената валута еврото и да се врати на франкот, како и да ја напушти шенген зоната.
Таа предвидува дека ЕУ „ќе умре“ и вети дека ќе одржи референдум за членството на Франција во Европската унија или Фрегзит.
Ле Пен сака да ја укине директивата на ЕУ што им овозможува на претпријатијата во една европска земја да ги испраќаат своите работници на други места во блокот и се спротивставува на трговскиот договор меѓу ЕУ и Канада (ЦЕТА).
Макрон, поранешен банкар и министер за економија што водеше една потполно отворена проевропска кампања, сака да ја зајакне еврозоната со формирање посебен буџет за 19-те земји кои ја користат заедничката валута.
Тој, исто така, предлага формирање парламент и министер за финансии за еврозоната.
Макрон, исто така, сака Европа да ги зајакне надворешните граници со поставување на заедничката погранична полиција и да наметне повисоки тарифи за заштита на европската индустрија од нелојална конкуренција, особено од Кина.
Тој, генерално, ги поддржува меѓународните трговски договори и го поддржува договорот со Канада.
Економија
Емануел Макрон сака да го намали корпоративниот данок за бизниси од 33 проценти на 25. Тој, исто така, сака да направи буџетско кратење од 60 милијарди евра за да помогне во одржувањето на заложбите на Франција да ја задоволи границата за дефицит на ЕУ на 3 проценти од БДП.
Ле Пен се залага за „интелигентен протекционизам“ и ги фаворизира француските фирми од јавниот сектор.
Таа, исто така, сака да ги ослободи малите и средните претпријатија од кредити со намалување на каматните трошоци.
Миграција
Ле Пен вети дека ќе ја намали нето-миграцијата – разликата меѓу бројот на луѓе што пристигнуваат и што заминуваат – на 10.000 и вети мораториум на легалната миграција.
Таа ќе ги отежне условите за квалификација за азил, ќе ја заостри политиката што им дозволуваат на имигрантите да донесат роднини во Франција и ќе оневозможи нелегалните мигранти да добиваат дозвола за престој.
Странците осудени за тероризам или за кој било друг криминал ќе бидат автоматски депортирани, а Ле Пен ќе го укине законот што им овозможува на деца од родители- имигранти што се родени во Франција да добијат француско државјанство.
Макрон вети дека ќе го забрза процесот на ревизија на барањата за азил на максимум шест месеци, вклучително и жалбите.
Тој ја пофали германската канцеларка Ангела Меркел за нејзината великодушна политика за барателите на азил, со што се овозможи влез за еден милион емигранти од 2015 година.
Макрон сака да создаде силни погранични безбедносни сили, а течното зборување на францускиот јазик да стане најважната квалификација за стекнување француско државјанство.
Ислам
Освен Европа и миграцијата, друга голема опсесија на Марин ле Пен е исламот. Таа вели дека радикалниот ислам ќе земе голем замав ако победи нејзиниот ривал.
Таа редовно предупредува за смртната опасност од фундаменталистичкиот ислам.
Макрон, од друга страна, пак, ја обвини Марин ле Пен дека се обидува да направи непријатели од пет милиони муслимани што живеат во Франција.
Ле Пен неодамна инсистираше дека верува оти обичниот ислам е компатибилен со Француската Република, но една од нејзините главни заложби е да се забрани носењето наметливи религиозни симболи, особено исламските шамии.
Макрон не кажа дали сака да ја прошири забраната за носење шамии, која беше воведена во училиштата и во јавните установи во 2004 година, на сите јавни места. Што се однесува до прашањето за носење бурка, Макрон вели дека тоа е прашање на јавниот ред, што значи дека треба да постои закон што ќе го забрани тоа како што сака Ле Пен.
Ле Пен вели дека сака да растури некои муслимански организации во Франција, додека Макрон вели дека сака да им помогне на муслиманите да изградат нов „француски ислам“.
Идентитет
Марин ле Пен сака странците и имигранти да се асимилираат со Франција и со француската култура, а не само да се интегрираат. Макрон, од друга страна, ги поздравува културната разновидност и плурализам.
Ле Пен, практично, вели или прифатете ја француската култура или одете си дома, но Макрон вели дека не постои француска култура, туку дека постои култура во Франција, којашто е разновидна.
Додека Ле Пен смета дека француската култура и идентитет се загрозени од масовната имиграција, Макрон со задоволство ја слави разновидноста.
Работа и пензија
И двајцата кандидати се изјаснија дека ќе ја задржат работната недела од 35 часа во Франција, која ја воведе владата на социјалистите во 2000 година, но Макрон ќе ја намали со тоа што ќе им овозможи на претпријатијата да преговараат за нови работни практики со своите вработени.
Ле Пен сака да ја намали старосната граница за пензионирање на 60 години од 62, додека Макрон сака да ја обедини комплексната мрежа на правила за пензионирање за вработените во јавниот и во приватниот сектор и да не ја менува моменталната старосна граница за пензионирање.
Тој, исто така, сака да ги укине бенефициите за невработеност за квалификувани работници што одбиле две пристојни понуди за работа.
Со цел да воведе подобра контрола во буџетот, Макрон сака да отпушти 120.000 државни службеници иако болниците ќе бидат поштедени, а да создаде 10.000 работни места во полицијата и 4-5.000 работни места во образованието.
Ле Пен се залага за повеќе државни службеници на национално ниво и во болниците, но помалку работни места управувани од страна на француски регионални власти. Таа, исто така, сака да создаде работни места за 21.000 полициски и царински службеници.
Безбедност
Макрон вети дека ќе го зголеми бројот на полицијата за 10.000, додека Ле Пен вели дека ќе додаде 15.000 службеници на полициските сили на Франција.
Што се однесува до затворите, Макрон предлага 15.000 нови кревети, а Ле Пен 40.000.
Додека Макрон предложи европски фонд за одбрана на заеднички мисии, Ле Пен сака да ја повлече Франција од НАТО и да го зголеми бројот на војници за 50.000.
Даноци
Ле Пен сака да наметне данок на стока од 35 проценти врз компании што носат производство надвор од Франција и данок на вработување странски работници, така што Французите ќе имаат приоритет.
Таа сака да ги намали даноците на доход за 10 проценти за домаќинствата со најмали примања и сака да го откаже планот на Франција да го задржи данокот на доход од месечните приходи почнувајќи од следната година.
Макрон сака тригодишна суспензија на даноците за имот за 80 проценти од француските домаќинства.
Тој, исто така, сака да го претвори т.н. солидарен данок на богатство на луѓе што тврдат дека имаат повеќе од 1,3 милион евра (1,4 милион долари) во средства во данок на богатство од недвижен имот, исклучувајќи ги финансиските средства.
Ле Пен изјави дека нема да го менува данокот на богатство.
Извор: Француски „Локал“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.