Фудбалерите на Атлетико Мадрид се на прагот на нова елиминација во Лигата на шампионите од лутиот градски ривал, Реал Мадрид, откако синоќа загубија со високи 3-0 на „Сантијаго Бернабеу“. По натпреварот тренерот на „јорганџиите“ Диего Симеоне даде свое мислење за текот на мечот.
– Во првиот дел двете екипи беа неточни во додавањата, но тие беа поконкретни. Ние имавме зицер преку Гамеиро и не го реализиравме. Судијата при првиот гол досуди тоа што сакаше да го досуди. Но, знаете дека гол е кога судијата ќе покаже на центарот. Во вториот дел ја имавме топката, но не бевме опасни, а тие го искористија тоа, не казнија и постигнаа два гола. Фудбалот е прекрасна игра и се може да се случи. Јас сепак мислам дека имаме шанса да поминеме во финалето. Ќе биде тешко, но ова е фудбал. Ние ќе се бориме до последниот свиреж на вториот натпревар – изјави популарниот Чоло.
Диего Симеоне во последните три години со неговиот Атлетико Мадрид, трипати беше елиминиран од Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Реванш натпреварот на „Висенте Калдерон“ е закажан веќе за наредната среда, а Атлетико Мадрид ќе се обиде да го направи невозможното и да го елиминира Реал Мадрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.