Вешти крадци, во две одвоени тешки кражби во селото Врапчиште, однеле пари, накит и други скапоцености, чија вредност надминува еден милион денари. Карактеристично за кражбите е дека се извршени во период кога домаќините спиеле, информираат од СВР Тетово.
Според Марјан Јосифоски, портпаролот на СВР Тетово, првата кражба која ја пријавил Е.Ј. (70) се случила во домот на зетот М.С. (51), вчера во перидот од 1 до 7 часот. – Крадците, најверојатно влегле преку незаклучена балконска врата на приземјето и од две спални соби во кои спиеле домашните одзеле неколку парчиња накит, два часовника и 50 швајцарски франци со вредност од над 420.000 денари, вели Јосифоски.
Во втората кражба, која се случила речиси во истиот период, провалници со кршење на цилиндер брава на влезна врата, влегле во домот на Б.А. (40), додека членовите на семејството спиеле. По пребарувањето, крадците заминале со плен кој се состоел од накит, 650 евра и 20 франци, со вредност од 600.000 денари.
Годинава, во полошкиот регион регистрирани се неколку вакви случаи, во кои домаќините за време на кражбите се дома и спијат, без да ги забележат провалниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.