Модни викенди, значајни настани од светот на модата и на убавината се веќе четири години нејзина освоена територија во Македонија. Манекенката Рене Рајт од Јамајка успешно чекори во модниот свет овде. Таа често е инспирација за македонските дизајнери, со кои вели дека има беспрекорна соработка. Рене за „Република“ открива и дека во август ќе „стапне на лудиот камен“ и ќе стане македонска снаа. Таа и Виктор Стоимиров подготвуваат традиционална македонска свадба. Го зборува македонскиот јазик, ги почитува македонската култура и традиција. За Македонците таа вели дека се, навистина, трпеливи и гостопримливи. А македонската жена, според Рене, е модерна и скромна
Кога за првпат се запознавте со Македонија?
Во Македонија првпат дојдов во летото 2013 година.
Доаѓате од земја што има поинаква култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се приспособите на животот овде?
На почетокот ми беше тешко ама сега ми е многу подобро. Виктор ми e најголема поддршка и поради тоа лесно се приспособив. Исто така, запознав многу пријатели и покрај пријателите со кои се запознав во Америка.
Вие зборувате солидно македонски јазик, беше ли лесно да се научи или не?
Македонскиот јазик е многу компликуван. Сега разбирам повеќе ама уште ми е срам да зборувам, но знам дека за да бидам подобра треба да го вежбам јазикот.
Ви помагаат ли Македонците кога Ви е потребно? Кое е Вашето мислење за македонскиот народ?
Може да се каже дека Македонците ми помагаат со тоа што се трпеливи кога им зборувам и ми помагаат при комуницирањето. Македонците се секогаш пријателски настроени, гостопримливи во секое време и сум многу благодарна што е тоа така.
Вие важите за една од најубавите и најангажирани манекенки овде. Која е вашата оцена, лесно ли е да се соработува со македонските дизајнери?
Благодарам. Македонските дизајнери се многу професионални. Свесни се дека парчињата, шминката и косата изгледаат поинаку на мене, па се приспособуваат. Нашата комуникација се одвива беспрекорно и не ме ограничуваат кога станува збор за некоја од нивните ревии.
Што мислите, модерна ли е македонската жена?
Секако. Една од работите што ми се допаѓа кај македонската жена е што секогаш е средена, скромна и никогаш не открива повеќе отколку што треба.
Колку имате слободно време да патувате низ Македонија? Кое е местото, кое, според Вашето мислење, мора да го посети секој што доаѓа во Македонија?
Досега, моето омилено место е Охрид… Ја сакам историјата, плажата и вкупната енергија на градот. Виктор и јас зборуваме да патуваме повеќе низ цела Македонија, но поради обврски не сме успеале да посетиме многу места. Се надевам дека ќе имаме време ова лето да посетиме некое ново место во Македонија.
Ви се допаѓа ли македонскaта традиционална кујна?
Се разбира, моите омилени јадења се: пастрамалија, гравче тавче, ајвар и уште многу други. Во Јамајка срцето на куќата е кујната. Сакам истото да го имам и тука во Македонија, па затоа сакам да научам да ги правам речиси сите македонски јадења.
Ви недостига ли родната земја?
Секој ден сѐ повеќе. Јамајка е најдобра земја на светот. Постојат проблеми, исто како и во други земји во светот, ама јамајканскиот народ е многу силен и работи напорно за да ја направи својата земја уште подобро место. Имаме одлични плажи, храна, музика, историја и многу многу други работи.
Кои се Вашите планови, останувате ли во Македонија?
Засега планираме да останеме во Македонија.
Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 243 број на Неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст