На 4 мај во МКЦ, на отворањето на шестото издание на фестивалот „Скопје креатива 2017, нѐ очекува ексклузивен џез-концерт со „Imaginary Folklore“, претходно познати како „Por Ché Ne Trio“, космополитски микс од три силни музички карактери, секој од нив икона на традиционалната музика во својата земја, Аргентина, Италија и Македонија. Досега настапувале на различни места во светот, како Аргентина, Америка, Европа, Балканот и во Македонија. Нивната стандардна постава ја сочинуваат големиот Лео Џеновезе (пијано, електроника, вокали) од Аргентина, кој настапувал со ѕвездата на џез-музиката Херби Хенкок, потоа со Стинг, Стиви Вондер и со уште многу други, Италијанецот Франческо Маркоки (акустичен бас, вокали) и нашиот Александар Петров (тапани, перкусии, вокали).
Петров на македонската музичка публика ѝ е познат најмногу по извонредните концерти што ги одржа со квартетот „Баце“, во кој членуваат и Васил Хаџиманов на клавијатури, Теодосиј Спасов на кавал и Башар Калифе на перкусии. По завршувањето на Музичкиот конзерваториум во Париз на отсекот ударни инструменти во 2002 година, целосно му посветува внимание на народниот инструмент – тапанот.
– Да свириш тапан во Македонија не е ништо посебно, дури не би можел да кажеш дека твоја професија е да си тапанар. Никогаш не би помислил дека со мојот тапан би можел да живеам на Запад и дека тој ќе зборува за мојата земја и за мојот идентитет насекаде во светот, во Јемен, Јордан, Мароко, Алжир, Либан, Бахреин, Европа… Тапанот е инструмент што има беспрекорна можност и иако изгледа едноставно и е направен со една единствена цел, денес тој за мене не е ништо помалку од кој било друг инструмент – вели Петров.
Со Александар Петров, македонски перкусионист кој живее и работи во Франција, поразговаравме во пресрет на настапот, како најава за концертот што следува.

На 4 мај во МКЦ доаѓате на отворањето на шестото издание на фестивалот „Скопје креатива 2017“ со „Imaginary Folklore“ или претходно познати како „Porche ne trio“. Кажете ни нешто повеќе за овој состав, како се запознавте?
Петров: Од 2012 до 2015 година живеев во Њујорк и бев одговорен за програмата на новоотворениот џез-клуб „Whynot jazz room“. Во него почна нашата авантура, прво намирисувајќи се, пред сѐ, како луѓе, а потоа и како музичари. Од тогаш, па сѐ до денес си даваме rendez-vous или за настапи или снимање албум, или за подготвување нов материјал. Изборот е Њујорк, Париз, Пиза, Трпејца, Венадо Туерто… И тоа никогаш не е помалку од двапати годишно.

Како ги усогласувате различните музички сензибилитети во конципирање на програмата и музиката што ја свирите?
Петров: Сите тројца сме вљубени во искреноста, и музичка и човечка, истовремено, од тука натаму сѐ е лесно. Само свири!

Што да очекува скопската публика на 4 мај? Со што ќе настапите?
Петров: Нашата програма е мост на три континенти: Северна Америка, Јужна Америка и Европа. Ќе пробаме преку музика да ја однесеме македонската публика на едно светско крстосување во кое ќе преовладува џезот, резервирајќи неколку изненадувања.

Во една пригода изјавивте дека никогаш не би помислиле дека со мојот тапан би можел да живееш на Запад… Кажете ни нешто повеќе за приемот на балканскиот ритам при Вашите настапи низ светот?
Петров: Па, тој повеќе не е балкански. Толку е голем светскиот интерес за балканските ритми што многу луѓе ги познаваат. Жално е што на Балканот е сѐ помал и помал интересот. Ќе дојде време ние да се чудиме кога некој ќе затропа седум осмини. Јас пишувам една композиција за соло-тапан со еден многу интересен назив кога се работи за Балканот, „Тесни кожи“, но главен акцент во неа носи звукот на инструментот и моите истражувања за него.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 243. број на неделникот „Република“, 28.4.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


