Судиите на натпреварите од претстојниот мундијал во Русија ќе имаат помош од ВАР технологијата, соопшти претседателот на ФИФА, Џани Инфантино на денешниот конгрес на КОНМЕБАЛ асоцијацијата во Сантијаго, Чиле. Оваа тема е актуелна веќе подолго време, а по успешните експерименти за време на клупскиот мундијал и на последниот пријателски меч меѓу Франција и Шпанија (ВАР промени две судиски одлуки, поништи гол за Франција и додели погодок за „црвената фурија“ што беше претходно поништен поради офсајд) Инфантино и неговите соработници решија технологијата да биде активно вклучена на следните натпревари од СП 2018.
– Имавме позитивни искуства и време е да ја вклучиме технологијата. Не смее да се случува во 2017 година сите на стадионот да знаат дека судиите згрешиле и да си одат дома зборувајќи за тоа, а само судиите да не бидат свесни за таа грешка. Технологијата е тука за да ги отстрани тие проблеми – изјави Инфантино.
Останува да се утврдат само уште деталите, но оваа технологија најверојатно ќе се користи само за утврдување дали станува збор за гол или не, како и за пенали, црвени картони или случаи на згрешен идентитет на играчите од страна на главниот арбитар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.