| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски се сретна со шефот на парламентарната група на австриската владејачка партија Лопатка

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска во Виена се сретнал со шефот на парламентарната група на владејачката партија и поранешен секретар во министерство за надворешни работи на Австрија, Рајхолд Лопатка.

Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, на средбата Груевски го запозна соговорникот со актуелната политичка состојба, со позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на нејзиното надминување.

Груевски посочил дека најбрз и најефикасен начин за излез од кризата е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори каде што народот ќе одлучи за иднината на државата.

На средбата Груевски, како што се наведува, истакна дека промовирањето на документи и на платформи креирани во соседни држави за кој народот не одлучил на избори и кои потоа се нудат за основа за натамошна владина работа претставува изборна измама со која ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните не се согласуваат.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, посочил Груевски, во парламентот ги користат сите деловнички законски можности за искажување на своите позиции и ставови низ законска парламентарна дебата.

– Тоа што се случува таму не претставува исклучок од тоа што се случувало во минатото, но и од тоа што се случува и се случувало во други демократски земји во Европа и во светот – додаде Груевски.

Груевски истакна дека ќе продолжи да се залага и да работи за економски напредок на државата и за остварување на стратегиските интереси врзани со интеграција во ЕУ и во НАТО, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top