| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски најави инвестиција во медицинската индустрија: Американска компанија ќе отвори 300 работни места во Кривогаштани

Нова американска компанија, која ќе отвори околу 300 директни работни места, влегува во Македонија. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска истакна дека компанијата веќе почнала да го средува браунфилд објектот каде што ќе биде лоцирана. Станува збор за фабрика во делот на медицинската индустрија.

-Освен оние две инвестиции кои неодамна ги објавивме, едната во Желино со потенцијални 350 вработувања и едната во Скопје во рамките на поранешната фабрика „Охис“ со 200 вработувања, има веќе донесена одлука и купена опрема за отворање нова фабрика во делот на медицинската индустрија во општина Кривогаштани. Се работи за инвестиција на американски инвеститори кои веќе најдоа браунфилд објект, го реновираат и адаптираат, ги прибавуваат потребните дозволи, ја набавија опремата и очекувањата се дека најдоцна за два месеци од сега, а може и порано, ќе започнат со работа и ќе вработат околу 300 луѓе. Заедно со претходни 550 вработувања, тоа се нови 850 директни нови работни места во услови на тешка криза, во услови на напори на СДСМ во секој поглед да ја закочи државата – истакна Груевски.

Тој посочи дека има континуирани разговори со многу инвеститори, дека кризата направила проблеми, инаку, веројатно, бројот на инвеститори ќе бил поголем, но сѐ уште напорите на владините институции даваат ефект.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top