Секоја бременост е посебна, специфична и секоја жена сака нејзината бременост да помине без компликации, а ризиците да бидат сведени на минимум. Затоа се неопходни редовни прегледи кои најчесто се извршуваат во интервал од четири до шест недели во текот на бременоста. За тоа кои ултразвучни прегледи и тестови се неопходни, за амниоцентезата и кои родилки повеќе се склони кон ризична бременост разговаравме со примариус д-р Васил Јовковски, гинеколог-акушер.
Зошто се важни редовните прегледи?
ЈОВКОВСКИ: Бременоста е период во кој се одвиваат важни физиолошки промени во организмот на жената. Во тие хормонски и биохемиски промени, промени на метаболизмот и други промени учествуваат речиси сите органски системи во телото на жената. Со тоа се овозможува нормален раст и развој на плодот, од почетниот момент на концепцијата, па сѐ до крајот на бременоста крунисан со актот на породување. Од друга страна, бременоста може да иницира промени на одредени органи со нарушување на нивната функција, пред сѐ поради претходни заболувања. Поради сето тоа, неопходни се редовни контроли и прегледи од гинеколог со цел навремено да се откријат евентуалните проблеми во текот на бременоста. Се препорачува редовните контролни прегледи да се извршуваат во интервал од четири до шест недели во текот на целата бременост.
Кои ултразвучни прегледи и тестови се неопходни секоја жена да ги направи во текот на бременоста?
ЈОВКОВСКИ: Генерално, бременоста е период што овозможува процена на општото здравје на жената. Во почетокот, одредувањето на рутинските лабораториски тестови ќе помогне да се откријат евентуални нарушувања или потенцијални ризици за здравјето на пациентката. Во рутински лабораториски тестови спаѓаат: комплетна крвна слика и анализа на урина, но и нешто што секоја жена мора да го има, а тоа е одредена крвна група и Рх фактор. Препорачливо е, освен на почетокот, крвна слика со проценка на хемоглобин и хематокрит да се повторува периодично во текот на бременоста. Покрај рутинските лабораториски анализи, се советуваат и специфични тестови за детекција на прележани инфекции, како, на пример, хепатитис Б, како и одредени серолошки анализи, но и одредување на нивото на шеќер во крвта. Во првата половина од бременоста (најдобро во првиот триместар) треба да се земат цервикални примероци, т.н. ПАП тест, како и микробиолошки примероци. Се разбира, од есенцијално значење е ултразвучниот преглед што треба да се направи во првите недели од бременоста, најчесто меѓу седмата и осмата гестациска недела (за одредување на гестациската возраст и одржливоста на плодот), а понатаму во текот на целата бременост со ултразвучни прегледи во интервали од четири до шест недели се следат растот и развојот на плодот, како и откривање евентуални аномалии на фетусот.
На кои родилки им се препорачува амниоцентеза и дали е неопходно за сите над 35 години?
ЈОВКОВСКИ: Антенатална дијагноза на генетски нарушувања е една од најважните придобивки во перинатологијата. Тоа се прави со анализа на амнионската течност (плодова вода) по пат на т.н. генетска амниоцентеза. Најчеста индикација за амниоцентеза е возраста на жената, од 35 години или над тоа, во времето на породување. Но, амниоцентеза се препорачува и кај родители со познати хромозомски абнормалности, кај претходно раѓање дете со хромозомски промени, кај родители што се носители на рецесивни генетски нарушувања, кај трудница со покачен серумски алфа-фетопротеин и други поретки состојби. Идеално време да се направи амниоцентеза е меѓу 15-та и 17-та гестациска недела.
Кои родилки се повеќе склони кон ризична бременост?
ЈОВКОВСКИ: Одредени состојби може да ја компликуваат бременоста или да го компромитираат нејзиниот тек и исход. Тие најчесто се условени од претходно нарушени функции на виталните органи, од хронични болести кои не биле излечени, но и од акутни состојби што се појавиле во бременоста, како, на пример, потешки инфекции, изразенотешки крвавења и слично. Кардиоваскуларни болести (вродени срцеви аномалии), хронични бубрежни болести со преегзистирачка хипертензија (покачен крвен притисок), заболувања на црниот дроб, дијабетес или други нарушувања на организмот претставуваат фактори на ризични кои сериозно може да ги компромитираат бременоста и здравјето на жената. Затоа е многу важно навреме да се препознаат и да се третираат соодветно, со сериозен пристап од високопрофесионални стручњаци, а по потреба да бидат навремено хоспитализирани во специјализирани установи со високи здравствени стандарди. Современата медицина го овозможува тоа и само на тој начин ќе се намалат ризиците по здравјето на родилката и на бебето.
Зошто расте бројот на предвремено родени деца во Македонија и на деца родени со помала родилна тежина? Дали тоа може да се спречи и како?
ЈОВКОВСКИ: Предвременото породување претставува еден од најсериозните проблеми во перинатологијата. Компликациите поврзани со тоа се клучна причина за високиот морбилитет и морталитет кај новороденчињата. Повеќе фактори влијаат врз предвремено породување. Од културолошко-социјалaн аспект тоа се нискиот степен на здравствена култура и нередовните контроли во текот на бременоста, а од медицински аспект тоа се повеќеплодна бременост (близнаци и др.), аномалии на матката и нарушена физиологија на цервиксот (грлото на матката) со претходни оперативни интервенции (серклаж). Исто така, повторувани абортуси, полихидрамнион – зголемена количина на плодова течност, како и неадекватно третирани инфекции на гениталните органи. Тие се најчестите фактори на ризик што водат до предвремено истекување на плодовата течност со консеквентна појава на предвремени контракции.
Исто така, проблемот на стерилитет (неплодност) и зголемувањето на бројот на пациентки со асистирана репродукција (ин витро) во последно време влијае врз појавата на предвремено породување. Ова е особено честа појава при повеќеплодна бременост, но и зголемената просечна возраст на пациентките. Со навремено препознавање на наведените фактори и нивно навремено и соодветно третирање значајно може да се превенира овој сериозен проблем.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 242. број на неделникот Република кој излезе во печат на 21.4. 2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст