| четврток, 6 декември 2018 |

Тужба за Бејли за делувањето во Македонија

Џудишал Воч, организација која судски се справува со злоупотребите на американските државни институции, поднесе тужба во суд во Вашингтон против Стејт Департментот и агенцијата за развој УСАИД, наведувајќи дека двете агенции не доставуваат документи согласно законот за пристап до информации, а под сомневање дека преку американската амбасада во Скопје, спротивно на Виенската конвенција, се мешале во внатрешните работи во Македонија каде финансирајќи ги левичарските групи и проекти на СОРОС се обидуваат да ја турнат власта

Џудишал Воч, конзервативната непартиска организација специјализирана за водење судски спорови против американските државни институции во ситуации кога овие се обидуваат да сокријат злоупотреби од јавноста, поднесе тужба против Стејт Департментот и УСАИД, Агенцијата за меѓународен развој, согласно Законот за пристап до податоци, а во врска со евиденцијата и комуникациите поврзани со финансирање и политички активности на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Џудишал воч наведува дека „Македонската организација, дел од Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос, примила близу пет милиони долари од УСАИД од 2012 до 2016 година“.

– Тужителот Џудишал Воч има за цел да промовира транспарентност, интегритет и одговорност на владата и верба во владеењето на правото. Како дел од својата мисија, Тужителот редовно бара записи од федералните агенции во согласност со Законот за пристап до податоци. Ги анализира одговорите на агенциите и ги објавува и своите наоди и бараните податоци, со што ја информира американската јавноста за тоа што работи нивната влада – стои во тужбата поднесена до судот.

Всушност, Џудишал Воч на 16 февруари од американскиот Стејт Департмент и од Американската агенција за развој УСАИД испрати барање согласно американскиот закон за пристап до информации, да им се обезбедат како се наведува „сите записи во врска со грантови, договори, исплати и фондови од Стејт департментот до Фондацијата Отворено општество – Македонија и со која било подружница на оваа фондација. Ова ги вклучува сите барања за исплата на фондови, проценки, евалуации, одобрувања на исплати и други записи меѓу кои било функционер, службеник или претставник на Стејт департментот и на агенцијата за развој УСАИД“.

Но, до денот на поднесување на тужбата, организацијата не ги добила бараните документи. Во тужбата се наведува дека ниту Стејт Департментот, ниту УСАИД не успеале да ги достават бараните документи или да покажат дека бараните документи се законски изземени од доставување, потоа не го известиле Џудишал Воч за опсегот за било кои од бараните материјали и документи за кои му се ускратува пристапот до бараните документи и причините за тоа, како и дека Џудишал Воч, како тужител, може да ги обжали сите ускратувања од обезбедувањето на документите.

Џудишал Воч прецизно наведува дека ги побарале „Сите документи кои се однесуваат на сите грантови, договори или исплати од средствата од Стејт Департментот до Фондацијата Отворено Општество- Македонија и/или до организации подружници на Фондацијата. Ова барање ги вклучува и сите документирани барања за финансирање, исплата или слични документи, како и сите поврзани документирани комуникации меѓу сите одговорни, вработени или претставници на Стејт Департментот и сите одговорни, вработени или претставници на УСАИД“.

Потоа се бараат „Сите документирани комуникации меѓу кои било одговорни, вработени или претставници на Стејт Департментот и било кои одговорен, вработен или претставник на Фондацијата Отворено Општество- Македонија и/или било која организација подружница на Фондацијата. Ова подразбира и евиденцијата на повратната комуникација испратена од и до Американскиот амбасадор во Македонија Џес Л. Бејли“.

Од Џудишал Воч во тужбата наведуваат и дека ги побарале „Сите анализи или слични документи кои се однесуваат на политичките активности на Фондацијата Отворено Општество – Македонија и/или организација подружница на Фондацијата“, како и „Сите пораки пренесени преку СМАРТ системот на Стејт Департментот испратени од кои било владин службеник или соработник кој работи кај Шефот на мисијата во американската амбасада во Скопје, а се однесува на Фондацијата Отворено Општество – Македонија и/или организација подружница на Фондацијата“.

JudicialWatch_vs_USAID_macedonia-1

JudicialWatch_vs_USAID_macedonia-2

JudicialWatch_vs_USAID_macedonia-3

Според американските норми, државни службеници, вработените во амбасадата и во агенцијата УСАИД се обврзани да ги чуваат преписките кои ги имале во врска со доделувањето на грантовите, строго е забрането нивно бришење или уништување на пораките, писмата и севкупната коресподенција кои понатаму се документираат. Џудишал Воч ги бара токму преписките кои се однесуваат на финансирањето на проектите и на Фондацијата на Сорос и на нејзините организации, и кои би покажале можни злоупотреби на буџетските пари на американските даночни обврзници, но и како се наведува, вмешување на овие државни агенции и американската амбасада во внатрешните работи на Македонија, спротивно на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Џудишал Воч потсетува на информацијата која ја објави во февруари дека „Американската влада тивко троши милиони долари од буџетот за дестабилизација на демократски избраната, центро-десничарската влада во Македонија во дослух со левичарскиот милијардер филантропот Џорџ Сорос“, за што Џудишал Воч наведува дека поседува документација. „Амбасадорот на претседателот Барак Обама во Македонија, Џес Л. Бејли, тајно работел со соросовата Фондација Отворено Општество на упатување на големи суми американски долари, со цел вмешување на американскиот амбасадор во внатрешните политички работи, што е спротивно на Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Во барањето детално се наведени организациите поврзани со Фондацијата Отворено општество – Македонија, за кои веќе течат истраги. Меѓу нив е организацијата „Ист вест менаџмент“, која неодамна доби еден од најголемите грантови на УСАИД, вреден 9,5 милиони евра, да го имплементира во соработка со Фондацијата на Сорос, и која беше поврзувана со сопругата на албанскиот премиер Еди Рама, Делина Фицо.

Меѓу наведените организации и во барањата до Стејт Департментот и до УСАИД, но и во тужбата во Вашингтон пред окружниот суд во Колумбија, САД, се наведува и соросовата ФОО-Македонија, но и организацијата- ќерка „Метаморфозис“ задолжена за поголем број проекти поврзани со медиумите. Се бараат податоци и за грантовите исплатени на медиуми, како што е „Плусинфо“ на Бранко Героски, порталот „Либертас“ поврзуван со Ацо Кабранов, агенцијата „Мета“, порталот „А1он“, веб-сајтот „Призма“, „Окно“, па следат „Центар за развој на медиуми” кој ги пишува негативните извештаи за слобода на медиумите во Македонија, организацијата „Цивил“ која е и набљудувач на избори и медиум. Во тужбата на Џудишал Воч се наведени и барањата за информации кои се поврзани со финансирањето на „Хера“, „Контрапункт“, „НВО Инфоцентар“, „Центар за граѓански комуникации“, „Реактор“, „Младинскиот образовен форум“, „Граѓани за европска Македонија“, „АДИ“ и за низа други, од 1 јануари 2015 година до денес.

Организацијата која се бори против злоупотреби и за транспарентност на работењето на американските власти, заедно со објавата за поднесената тужба против Стејт Департментот и УСАИД, опишува на кој начин тајно функционира операцијата, за што како наведува извори од Македонија и од САД обезбедиле докази за истрагата која што е во тек.

„Фондацијата Отворено Општество основала и финансирала десетици левичарски невладини организации во Македонија за да ја турне конзервативната влада. Македонски владин претставник кој неодамна е интервјуиран од Џудишал Воч во Вашингтон, нив ги нарекува „Соросова пешадија“. Групите организираат младински движења, креираат влијателен медиумски простор и организираат насилни протести за да ги поткопаат институциите и политиките спроведени од власта. Една од група го финансирала преводот и издавањето на книгата „Правила за Радикали“ на Сол Алински во Македонија. Книгата е тактичко упатство за субверзии, нуди директни совети за радикални улични протести и го прогласува Луцифер за Прв Радикал“, наведува Џудишал Воч, кој потоа предупредува дека таа активност и натаму продолжува благодарејќи на американскиот амбасадор во Македонија.

„Благодарејќи на амбасадорот на Обама, кој не е променет од претседателот Трамп, ‘Вујко Сем’ продолжува со истурање на парите, па групите можат да продолжат да оперираат и да регрутираат, што го потврдуваат и изворите од Македонија и од САД“ додава Џудишал Воч.

Пред десетина дена истражителот на Џудишал воч, Вилијам Маршал, во деталната анализа за политичката криза и финансирањето на невладините организации во Македонија за „Американ тинкер“ повика претседателот на САД и неговата администрација да го отповика амбасадорот во Македонија, Џес Бејли. Маршал во анализата посочува дека целиот персонал во американската амбасада во Скопје, почнувајќи од амбасадорот, се тврдокорни левичари во калапот на Обама/Сорос и се цврсто решени да ја соборат македонската конзервативна влада.

– Џудишал Воч почна интензивна истрага во врска со ова прашање. Во меѓувреме, администрацијата на Трамп треба да го отповика амбасадорот Бејли – пишува Маршал, кој додава дека треба да се направи чистка во мисијата на САД во Скопје и да се запре финансирањето на организациите на организациите на гордиот, како што и самиот признава, поранешен нацистички соработник Џорџ Сорос.

Активностите на амбасадорот Бејли и финансирањето од УСАИД на соросовата фондација неодамна се најдоа под лупа и на американскиот конгрес. На 17 јануари годинава, сенаторот Мајк Ли испратил писмо до Бејли, барајќи да ги објасни врските на Стејт департментот со ФОО- Македонија. На 24 февруари, конгресмените Крис Смит, Луи Гомерт и други ја повикаа Канцеларијата за одговорност на владата (Government Accountability Office) да спроведе истрага и ревизија на активностите на Стејт департментот и УСАИД во Македонија, вклучително и за финансирањето на организациите на соросовата Фондација и потенцијалното вмешување во домашните политички прашања во Македонија, односно за кршење на Виенската конвенција.

Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 242. број на неделникот „Република“, 21.4.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top