Најстудено утрово е во Куманово каде што се измерени два степена, а најмногу дожд има наврнато во Пожаране 20 литри на метар квадратен. Засилен јужен и југоисточен ветер дувал во текот на ноќта и достигнал брзина од околу 100 километри на час во Штипско, а од 50 до 70 километри на час на повеќе други места.
Според податоците на Управата за хидрометеролошки работи, утринските температури во целата држава се над нулата. Најниска температура е измерена во Куманово, а највисока во Струмица, Демир Капија, Охрид, Штип и Виница каде се измерени 10 степени. Во Маврово утринава се измерени 3 степени, во Лазарополе, Ѓуриште и Крушево 4, Пожаране и Берово 5, Дебар 6, Тетово и Тополчани 7, Претор, Крива Паланка и Скопје 8, а во Прилеп, Дојран, Битола, Скопје Петровец и Гевгелија 9 степени.
До 8 часот најмалку дожд има наврнато во Ѓуриште – 1 литар на метар квадратен, Крушево 2, Куманово 4, Дојран 6, Скопје 8, Гевгелија и Дебар 10, Лазарополе 14, Маврово 16, Тетово 19 и најмногу во Пожаране 20 литри на метар квадратен.
До крајот на денот се очекуваат повремени врнежи од дожд. Претпладне повеќе врнежи ќе има во западните и северните делови, а попладне во источните делови, каде локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На места се очекува да наврнат над 25 л/м2, а можна е и појава на краткотрајно невреме. Ќе дува засилен ветер од јужен, а во западните делови од југозападен правец. Во ноќните часови кон четврток поради спуштање на студен воздух од север на планините врнежите ќе бидат од снег, но ќе се намалуваат по интензитет. Максимална температура ќе се движи од 12 до 20 степени.
Во Скопје слично време со повремено поројни дождови и со услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен јужен ветер, кој кон крајот на денот ќе го промени правецот во северен. Максимална температура ќе биде до 16 степени.
Утре се очекуваат повремени слаби врнежи од дожд, а на планините ќе провејува снег. Ќе дува засилен ветер од северозападен правец кој ќе дува и во петок. Температурите значително ќе опаднат, при што утринските за време на викендот на места ќе се спуштат под нулата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.