| четврток, 6 декември 2018 |

Рама во интервју за „Политико“: Тиранската платформа е мит креиран од македонските политичари

Кризата во Македонија го популаризира албанскиот премиер Еди Рама, кој добива доволно простор во светските медиуми за да фи потврди своите позиции во однос на Тирнската платформа и вмешаноста во кризата во Македонија. Во денешното интервју за белгиски „Политико“, меѓу другото, тој најавува „мала унија“ со Косово доколку Брисел му го сврти грбот на регионот.

Во делот посветен на Македонија бриселскиот портал пишува дека Рама е обвинет за додавање гориво во огнот на Балканот преку неговата улога во кризата во Македонија. Партиите кои ги претставува етничкото албанско малцинство во Македонија, и кои ја држат рамнотежата на моќ по изборите во декември, изготвија заедничка платформа по состанокот со Рама во Тирана. Таа повикува на поголеми права за етничките Албанци во Македонија кои сочинуваат околу една четвртина од населението, пишува „Политико“, вклучувајќи го и тоа албанскиот да стане исто така официјален јазик во земјата.

Платформата е во фокусот на големи улични протести, а претседателот Ѓорге Иванов вели дека ова „ќе ја уништи земјата“ и дека „ја става Македонија во позиција на потчинетост или зависност во однос на друга земја“.

Но Рама застана во одбрана на платформата и изјави дека тој само ја олеснил средбата меѓу етничките Албански политичари од Македонија и не се обидел да се меша во внатрешната политика на земјата.

-Постои мит создаден во Скопје за политички цели, кој вели дека албанските партии следат некоја платформа која е напишана во Тирана. Ова е лага, мит креиран од политика со многу лош вкус, изјави Рама за „Политико“.

-Нападот на платформата е многу опасен, бидејќи тоа е еден вид на политика која предизвикува поделеност на сограѓаните во земјата и неединство… Последното нешто кое ѝ треба на Македонија, последното нешто кое на сите ни фали е поттикнување на меѓуетички конфликти, бидејќи ваквите работи потоа не можеш да ги контролираш, потенцира тој и додава дека Албанците во Македонија имаат “апсолутно право да бараат рамноправност со своите сограѓани Македонци“, а дека платформата во голема мера ги бара правата и слободите кои беа утврдени во 2001 година во Охридскиот договор со кој беше ставен крај на вооружениот конфликт меѓу македонските безбедносни сили и етничките албански герилци.

Унија со Косово

Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека доколку перспективата за членство на Западен Балкан во Европската унија продолжи да бледнее, не може да се исклучи обединувањето на неговата земја со Косово.

Тој во интервју за бриселскиот весник „Политико“ изјави дека некои албански националисти сакаат да ја видат Албанија обединета со Косово.

Рама истакна дека тоа не е негова желба, но дека е можна опција во случај на затворени врати на ЕУ.

Тој нагласи дека единствен начин да се одржат мирот и соработката на Балканот е европската перспектива да остане јасна и емоциите кон Унијата да останат позитивни.

– Никој не сака да бара мали сојузи, сите сакаат голема Унија. Но, ако нема надеж, нема перспектива, нема место, тогаш секако малите сојузи може да се случат, појасни Рама.

Тој предупреди дека откажувањето од натамошното ширење на ЕУ би водело кон дестабилизација на цела Европа.

Рама укажа дека Македонија и Босна и Херцеговина би биле посебно ранливи, доколку повторно се отвори прашањето за гранците.

– Доколку Балканот полуди поради стопирање на проширувањето на Унијата, граѓаните на Европа би доживеале кошмар и регионот би станал сива зона во која други актери би имале посилна улога од Брисел, предупреди тој.

Рама нагласи дека не гледа нова војна во регионот како „прво сценарио“, но додава дека смирувањето на тензиите во голема мера зависи од ЕУ и САД.

– Поддршката на членството во ЕУ во Албанија и другите земји во регионот останува високо и покрај растечкиот скептицизам во Србија и во Македонија, додаде Рама.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top