Јордан Поп Јорданов-Орцето е роден македонски револуционер – анархист, член на илегалниот терористички кружок Гемиџии, кој кон крајот на април 1903 година ги извршил познатите Солунски атентати врз објекти кои целосно или делумно биле во сопственост на западноевропските капиталистички земји и турските власти.
Роден е во 1881 година во Велес, како помлад брат на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов. Се школува во родниот град и во Солунската бугарска машка гимназија. Како шестокласник го прекинува образованието и заминува во Софија, од каде што се префрлува во Солун.
Тој е еден од поистакнатите членови на Гемиџиите, а подоцна и водач на кружокот. Од Слави Мерџанов ја прифаќа идејата за минирање на Отоманската банка во Солун и настојува да ја реализира.
Договорено е подземниот тунел до банката да се копа од изнајмениот дуќан берберница на Владимир Пингов. Тунелот ќе биде прокопан во одредениот рок, но акцијата ќе биде одложена.
На 29 април 1903 тој ќе го активира динамитот во прокопаниот тунел и ќе ја крене во воздух Отоманската банка. Потоа фрла бомби пред хотелот „Салоник“.
Загинува херојски на 17 април 1903 г. во куќата во којашто живеел, фрлајќи ги последните бомби врз турските војници кои го држеле под опсада.
Орцето бил бескраен идеалист. Тој и со својата смрт сакал да биде корисен за револуционерното дело и својата татковина Македонија. Непосредно пред Солунските атентати се осигурал во друштвото Њујорк на 10.000 франци и тоа на името Симеон Радев.
Орцето го замолил Симеон Радев осигураните 10.000 франци по неговата смрт да му ги предаде на Борис Сарафов затоа што тој им дал 10.000 франци на Гемиџиите и ги помагал на разни начини. Во писмото до Радев напишал:
„Пред неколку месеци се осигурав на 10.000 франци, кои ќе ти бидат исплатени по мојата смрт. Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија“.
Џајкови го чуваат споменот на Миле и Ордан Поп Орданови
Семејството Џајкови од Велес е едно од наследниците на револуционерното семејство Поп Орданови, Миле и Ордан. Едниот, Ордан, е гемиџија учесник и загинат во Солунските атентати, вториот Миле падна во борба за слобода на Македонија и опеан во народната песна, денешна химна на Велес. Алексо и Ванчо Џајкови ги чуваат спомените на нивните дедовци, кои посветени на борбата за слобода на Македонија, целосно се предале на револуцијата и не оформиле семејство. Тие се наследници преку Елена нивната баба која е најстара сестра на Миле и Ордан.
– Орце кога во една пригода доаѓа од Женева, по средбите со Борис Сарафов, за жал недоволно признат во Македонија, носи обетки и прстени како подарок. Тоа е единственото нешто што тој оставил за живот. Пред да се случат атентатите, пролетата кога дошол во Велес ги искинал сите слики каде него го имало. Порачал дека не сака еден ден некој на него пари да печали, не објаснувајќи зошто и како. Тоа баба ми често го кажувала, но не знаела зошто ги уништил. Некои историчари, истражувачи од Велес тврдат дека и огледалото што е кај нас дома е едно од берберницата, каде се подготвувале атентатите, а на гемиџиите им било за камуфлажа од нивната активност, копањето тунел – раскажува Алексо.
Овие сознанија му се од мајка му Слоботка, која ја чувала Елена оти таа при крајот на животот ослепела, додека татко му Благој Џајков како приврзаник на ВМРО долги години бил в затвор. Тие години додека двете мајка и ќерка биле сами, Елена сестрата на Миле и Ордан, долго и во детали ја раскажувала историјата и борбата на двата сина за Македонија, нивните идеали, саможртвата, нивниот краток но богат револуционерен живот, херојското погибје.
– Миле и Ордан биле под големо влијание на Француската револуција. Кај нив дома тогаш сите зборувале француски, нивната мајка и татко, моите баба и дедо. Ѓошо бил голем трговец, имал голем имот, работел трговија со риба, дел до чаршијата во Велес бил негов. На крајот од 19-тиот век, сите Балкански држави се ослободиле а само Македонија останала под Турско, тие браќата ученици на Солунската гимназија Св. Кирил и Методиј не можеле да се помират со ваквата состојба. Како интелектуалци биле задоени со идејата за самостојна држава. Миле дури оди и учи семинарија, за свештеник во Цариград, но поради неговата активност е исклучен – објаснува Џајков. Колку биле конспиративни Гемиџиите, говори и тоа што никој од семејството не знаел за нивната активност. Разбрале дури следниот ден по атентатите, кога започнале апсењата па сите машки членови на Поп Орданови и биле однесени во Белата Кула (Беас куле) во Солун. Биле затворени во мали ќелии, со нозете во пранги и во вода клечеле сите денови. Биле измачувани, но не биле осудени.
Тој е горд што е потомок на Поп Орданови. Султана и Ѓошо Поп Орданови имале шест деца четири ќерки Елена, Марија, Олга, Павлина и двата сина, кои како идеалисти животот го дадоа за Македонија. Интересен е податокот што Павлина, сестрата на Миле и Ордан, се омажила за братот на Павел Шатев податок кој е малку познат во фактографијата.
Орце пред Солунските атентати се осигурил во друштвото Софија на 10 000 франци. Дел до парите биле за Сарафов, а дел за семејството. Кога татко му Ѓошо отишол да ги подигне, му било препорачано од велешанец директор во компанијата, дека не е добро тоа да го прави, „за да не му се случи истата судбина како на синот, да му отиде главата“. Така семејство не ги земало парите кои биле завештани за нив. Но, затоа обетките, прстенот и огледалото се богатство кое нема цена и е единствениот спомен за Миле и Ордан Поп Орданови. Такво огледало има и во куќата на велешкото семејство Вангелови и тоа е исто така од берберницата во Солун а тоа е добиено како наследници на гемиџијата Владимир Пингов.
Текстот е објавен во 241 број на неделникот „Република“, 14 април 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја