Опаѓање на температурата за пет до шест степени се очекува од вечерва, кога Македонија ќе ја зафати влажен бран, проследен со поројни врнежи, грмежи и засилен северен ветер.
Како што информира УХМР, промената на времето ќе почне попладнево и во вечерните часови, а на места ќе наврнат и над 25 литри дожд на метар квадратен.
Поројни врнежи и грмежи се очекуваат особено во северозападните и источните делови од земјава.
Ќе дува умерен југозападен, а кон крајот на денот и ноќта засилен северен ветер. Температурата ќе се движи од 11 до 24 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно, попладне на повеќе места нестабилно со поројни врнежи од дожд. Ќе дува умерен југозападен, а кон крајот на денот и ноќта засилен северен ветер.
Температурата ќе достигне до 21 степени.
И во понеделник ќе има повремени врнежи дожд, најмногу претпладне. Кон крајот на денот и ноќта према вторник облачноста ќе се намалува, но ќе се задржи ветровито и посвежо.
Утринските температури во вторник и петок идната недела некаде ќе паднат и под нулата, а максималните ќе се движат од 17 до 20 степени. За среда, пак, УХМР најавува нов влажен и постуден бран од северозапад кој ќе биде проследен со повремени врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови и снег. Ќе дува засилен ветер од југозападен, а попладне и во четврток преку денот од западен и северозападен правец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.