Триесет и деветгодишната тетовка Н.Ј., денеска околу 8 часот и 40 минути пријавила во Полициската станица Тетово дека утрото кога влегла во нејзиниот деловен објект ( адвокатска канцеларија ), лоцирана на улица „Струшка“ во Тетово, на подот забележала писмо.
Го подигнала и отворила, а во него се наоѓал лист хартија на кој рачно, со кирилично писмо, било напишано: „На 13 април ќе се бомбардира Судот во Тетово, големa количинa експлозија има внатре, доста игравте со народот, соопштение ОВК“.
Веднаш бил известен јавен обвинител кој дал насоки за мерките и активностите што треба да се превземат, по што повеќе служби на СВР Тетово испратени се во и околу објектот на Основниот суд Тетово, а известени се и соодветните служби на Министерството за внатрешни работи во Скопје.
Нешто подоцна, по 13 часот, припадници на Единицата за антитероризам на МВР извршиле комплетно пребарување на внатрешноста на објектот и просторот околу истиот, при што не се пронајдени никакви експлозивни или други средства.
Извршен е комплетен увид и Секторот за внатрешни работи Тетово работи на расветлување на сите поединости- кој, зошто и со какви мотиви го оставил писмото во адвокатската канцеларија на Н.Ј. и која била целта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.