Целосно се реконструирани блокот А и блокот Б од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Наскоро ќе започне реконструкцијата и на останатите два блока и до крајот на годината се очекува целиот студентски дом да биде завршен.
Од денеска студентите од блоковите В и Г започнаа да се префрлуваат во реновираните блокови со цел да се овозможат услови за отпочнување на градежните активности во нереновираните блокови. Преселувањето ќе се врши етапно и секој ден ќе се вселуваат по два ката од студентскиот дом А и за две недели се очекува околу 300 студенти да добијат современи услови за живот.
Студентите се презадоволни од новите услови. Велат дека во реновираните блокови имаат одлични услови.
Студентот Даниел Јовески веќе втора година престојува во студентскиот дом „Гоце Делчев кој денеска од блокот Б се префрли во реновираниот блок А.
-Слободно можам да кажам дека блокот е фантастично направен. Со реновирањето на овој блок добивме и перални и сушални за алишта кои што ни беа неопходни. Голема благодарност до МОН за сето тоа што е вложено во студентскиот дом Гоце Делчев. Се надевам дека трендот на реновирање на студентските домови ќе продолжи и понатаму, вели Јовески.
Тој упати апел до сите студенти да се однесуваат совесно со цел да се зачува целиот инвентар во студентскиот дом за да остане за идните генерации.
Студентот Климент Илиев веќе 4 година седи по студентски домови.
Според него студентите порано се соочувале со низа на проблеми. Имало мувла, лифтовите многу често не работеле, немало топла вода,а и инвентарот во студентскиот дом бил премногу стар.
-Со реновирањето тоа веќе ќе биде минато. Во секој блок ќе има по два нови лифта, а повеќе нема да има проблеми и со топла вода. Сега собите се многу добри, а тоа ќе ни даде поголема мотивација за учење, рече Илиев.
Неодамна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски информираше дека реконструкцијата на блокот А е инвестиција вредна околу 1,5 милиони евра, средства со кои е извршена замена на вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење, молерисување на ѕидовите, нови лифтови и комплетно нова опрема во сите соби.
-За двата блока кои досега се обновени, инвестирани се 3 милиони евра. Секој од блоковите во просек имаат меѓу 320 и 335 легла, што само по себе е како една висококатница. Втората крупна инвестиција која се реализира е набавката на мебелот за сите државни студентски домови. Во следните 45 дена се очекува на ниво на цела држава да се заврши со замена на мебелот, а на барање на самите студенти набавени се перални и сушални исклучиво за нивни потреби, посочи Ристовски при неодамнешната постеа на студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Со реновирање на студентките домови се вложува во студентскиот стандард. Студентите кои се движечка сила во општеството добија услови какви што заслужуваат.
Набавката на мебел за сите државни студентски домови веќе е во завршна фаза, а во тек е и замена на стариот мебел и во сите останати домови во Скопје, по што ќе бидат опфатени и домовите во другите градови.
Станува збор за инвестиција од 1,5 милиони евра и таа ќе биде заокружена во следните два месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.