| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров: Македонското здравство е едно од најдобро рангираните во регионот

todorov-1Јавното здравство во Македонија е сериозно напреднато и ако се спореди со здравството на околните земји и ако за тоа се користат јавно достапни податоци од релевантни рангирања ќе се види дека македонското здравство е едно од најдобро рангираните здравствени системи во регионот, оцени денеска вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров за македонското здравство.
Тоа, посочи, треба да не прави горди нас како Министерство и сите здравствени работници.

– Тоа не треба да не запре да разговараме за проблемите и да се трудиме сите проблеми кои ги има македонското здравство да се решаваат, истакна Тодоров одговарајќи на новинарско прашање по свечениот собир што по повод Светскиот ден на здравјето го организираше Македонското лекарско друштво.

Според него, најмногу треба да се инвестира и најмногу фокус треба да се има во делот на доеничката смртност. Тоа, појасни, е еден сегмент каде што Република Македонија не стои добро.

– Треба да видиме од каде тргнавме, треба да видиме дека тргнавме од над 14,5 промили смртност, денеска сме на 8,5 промили смртност. Има сериозно намалување, но се уште е сериозно висок просекот. За тоа треба како држава да имаме сериозен фокус и во наредните три четири години да се обидеме сериозно да влијаеме во овој сегмент, рече Тодоров.

Потенцира дека треба да се работи не само во делот на здравството, здравствениот систем, опрема, кадар, простор итн., туку има уште еден друг сегмент на кој е многу потешко да се работи, а тоа, како што рече, е свесноста на родилките.

– Некои од нив не одат на преглед од моментот на забременување до денот на породување и поради тоа се јавуваат сериозни здравствени потешкотии и еден голем процент на доеничката смртност отпаѓа на предвремено породување. Во овие сегменти треба да работиме сериозно и во делот на опрема имаме многу направено, има многу нова опрема, кадарот е едуциран, просториите се реновираат, но тоа не е доволно. Треба да се работи сериозно на свесноста и треба напор од сите чинители во овој сегмент, истакна Тодоров.

Тој посочи дека втор сегмент на кој сериозно треба да се работи е третманот на лицата со малигни заболувања. Нагласи дека како Министерство имаат преземено сериозни чекори и обезбедено најнова терапија за болните од малигни заболувања на кожа, бубрег, но тоа не е доволно.

– Затоа како Министерство неодамна најавивме и проширување со најнова терапија и за пациенти со рак на црн дроб, дебело црево, дојка и за бели дробови, со што сериозно ќе придонесеме за подобрување на третманот. За ова се потребни повеќе средства кои се обезбедени. Треба да се работи и на човечките ресурси во здравството и не смее да се повтори грешката од минатото кога се создаде јаз меѓу здравствените работници кои работеле и го напуштиле јавното здравство и пополнување на тие места, додаде Тодоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top