Фабриката за производство на навлаки за автомобилски седишта на американската компанија Адиент (поранешен Џонсон Контролс) во ТИРЗ во Струмица треба да биде готова до јуни годинава. За две недели во новиот капацитет, што почна да се гради пред околу 10 месеци, треба да бидат монтирани машините и опремата, информира денеска директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.
И покрај политичката криза во државата, потенцира, продолжуваат активностите и поддршката на странските инвеститори.
Инвестицијата на Адиент изнесува 20 милиони евра, ќе произведува навлаки за автомобили, сличен производ на тие во нивниот капацитет во Штип. Три фабрики во Струмица, во Штип и во Тетово, произведуваат сличен производ, навлаки за автомобилски седишта.
Како што најави Мизо при денешната посета на фабриката заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, 750 работници кои веќе се ангажирани во браундфилд инвестицијата на Адиент во Струмица, до јуни ќе бидат префрлени на работа во новите погони. Планирано е до крајот на годината да има уште 400 вработувања, а уште толку следната година, но, потенцира Мизо, можно е вкупната најавена бројка од 1.500 нови вработувања да биде и поголема со оглед на таквите позитивни искуства со овој инвеститор во нивната фабрика во Штип.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од своја страна потенцира дека е многу важно што во сегашните услови на политичка криза, која што долго трае, се успева некако да се задржат инвеститорите кои претходно одлучија да градат тука и што се успева да се привлечат нови иако, како што рече, некои од нив се поколебаа или се уште се колебаат.
– Се уште се успева барем еден дел од нив да се убедат да дојдат во Македонија. Тоа е многу важно за државата за да не дојде до економски пад што ќе се рефлектира на невработеноста и стандардот на населението. Независно што се ни прават од СДСМ мораме да останеме посветени на овој дел затоа што е круцијален за граѓаните, кои чекаат работа. Независно од се како политичка гарнитура мораме да вложиме максимални напори да продолжи трендот на отворање нови работни места- рече Груевски.
Паралелно со ставањето во функција на новите капацитети на новата фабрика Адиент се работи и на инфраструктурата во зоната каде се планирани милион евра и нејзина комплетна функционалност од наесен.
– Вкупната површина на зоната е 24,8 хектари. Почната е градбата на пристапниот пат и на булеварот, за да има пристап до фабриката, ќе биде изградена и канализација, водоводна мрежа и ограда во должина од 2.000 метри – рече Мизо потенцирајќи дека освен капацитетот на Џонсон Контролс тука има и дополнителни парцели за други инвеститори.
Како значајна инвестиција Мизо ја истакна и изградбата на фабриката во Желино каде ќе се произведуваат целосни седишта за потребите на фабриката за автобуси Ван Хол. Таму се планирани 350 вработувања, а инвестицијата во првата фаза се планирани шест до седум милиони евра, а вкупното годишно производство да изнесува до 10 милиони евра годишно.
Мизо потенцира дека постојано продолжува и поддршката на постоечките инвеститори. Во тек е, како што информира, третата фаза од инвестицијата на Текнохозе коишто ќе стасаат до 200 работни места. А КСС во Кичево ја надминале планираната бројка од 1.200 вработувања.
– Тоа е многу сериозна бројка и за градот и за околните села. Со луѓето со кои се сретнав од некои од селата кажуваат дека не се сеќаваат одамна од кај нив толку многу луѓе да одат на работа и тоа е за поздравување-посочи Груевски.
Тој потенцира дека неколку од компаниите со чии прертставници имал средби во минатите месеци се уште се во фаза на одлучување да инвестираат во зоната во Струмица, но и во зоната во Штип.
– Се уште има голем интерес, даваме многу добри услови. Компаниите се задоволни и тоа многу ни помага што оние кои веќе изградиле тука на новите им кажуваат дека се многу задоволни и дека немаат потешкотии во работењето иако има политичка криза во земјата. Тоа ги охрабрува новите, знаат дека има политичка криза, но кога ќе слушнат од тие што веќе инвестирале дека економските процеси се одвиваат нормално и оти не се соочиле со проблем и покрај политичката криза тоа ги охрабрува- рече Груевски.
КСС, според Мизо, планира дополнителни 200 вработувања, а со нив се разговара и за следни фази за инвестирање.
Важно е, посочи, и што Ванхол го завршила вториот дел од втората фаза од нивната инвестиција, стасаа до 900 вработувања, а до крајот на годината планираат илјада.
– Се гради и објектот на Хајтек, првата домашна инвестиција во зоните, така што секаде имаме активности за дополнителни проширувања на капацитетите или дополнителни вработувања од страна на компаниите. Во моментов се зголемува европската побарувачка, што е добро за компаниите кај нас, затоа што добар дел од нив се поконкурентни од други фабрики- рече Мизо.
Тој информира и дека ОДВ Електрик во Охрид до крајот на јуни треба да го префрли производството во новиот капацитет. Инвеститорот таму планирал проширување на објектот, што е на површина од околу 5.000 метри квадратни, при што се планирани 500 вработувања. Во капацитетот на Костал, пак, се ангажирани 90 вработени, а се планира исто така и проширување на производството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.