Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер денеска, по четиригодишен судски процес, неправосилно е осуден на 4,5 години затвор по обвинението дека во 2009 година примил 17 милиони куни (2,28 милиони евра) „провизија“ при купувањето зграда од страна на Минстерството за регионален развој, на чиешто чело тогаш беше Петар Чобанковиќ.
Како што јави ХИНА, според обвинението во случајот „Планинска“ парите отишле на сметка на компанија на Стјепан Фиолиќ, поранешен висок функционер на Хрватската демокаратска заедница (ХДЗ) на Санадер.
Санадер нема да оди в затвор сè дури пресудата не стане правосилна.
Поранешниот премиер на Хрватска од почетокот на процесот, па сè до последното рочиште, ги отфрлаше обвиненијата, кои, меѓу другото, беа засновани на признание на Чобанковиќ, кој притоа се спогоди со судот.
Уставниот суд на 25 ноември 2015 година ја укина првата пресуда против Санадер од 2012 година за случите со „Хипо“ и „Ина МОЛ“. Претходно, Санадер беше притворен во Австрија поради обид за бегство во 2010 година, по што и беше екстрадиран на Хрватска.
Санадер се бранеше од слобода со кауција од 12,4 милиони куни (1,66 милион евра).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.