Македонското квалитетно флаширано вино, јагнешко месо, традиционално овчо сирење, домашен ајвар, лутеница, малиџано, се дел од македонските производи кои се дегустираат на националниот промотивен штанд во Мостар, Република Босна и Херцеговина, во рамки на Мостарскиот саем што се одржува од 4-ти до 8-ми април.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека интересот за македонските производи, чиј вкус традиционално е познат во овие простори, е многу голем и македонскиот штанд е еден од најпосетените на саемот.
На саемот се претставуваат преку 800 изложувачи од 30 земји. Манифестацијата ја посети и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ затоа што оваа година партнер на саемот е Република Хрватска. На свеченоста присуствуваа голем број на државници од регионот и светот меѓу кои српскиот премиер Александар Вучиќ, и претседателот на Република Црна Гора, Филип Вујановиќ.
Во рамки на саемот се одржува и дводневна конференција на иницијативата 16+1 помеѓу земјите од Југоисточна Европа и Народна Република Кина.
Македонскиот промотивен штанд е дизајниран во насока на препознатливост на Македонија како земја со вкусна храна, природни убавини, богата традиција и добра дестинација за започнување и развој на бизниси.
Националната промоција ја организираат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, претставници на македонските производители и Министерството за надворешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.