Се интензивираат активностите за забрзување и олеснување на увозот и транзитот со храна. Технички се доопремуваат граничните премини и аеродромите, се изготвуваат системски решенија и се планира зголемување на бројот инспектори за ефективно завршување на процедурите.
Ова го соопшти заменик директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Абдулезел Догани кој вчера во Стопанската комора имаше состанок со транспортерите и шпедитерите.
– Агенцијата за храна и ветеринарство, во интерес на унапредување на соработката ќе ги разгледа предлозите на транспортерите и шпедитерите, по што за 2-3 недели ќе се одржи уште еден, заеднички состанок, на кој ќе предложи и донесе конкретни мерки, рече Догани по состанокот.
Разгледани се повеќе прашања за унапредување на системите за контрола при увозот и транзитот на храна. Претставниците на Македонската транспортна асоцијација и на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори предложија сет мерки со кои ќе се забрзаат инспекциските контроли на граничните премини и ќе се намали времетраењето на транспортот.
Во однос на плаќањето на давачките за извршените прегледи предложено е Агенцијата да разгледа можни решенија при обезбедувањето доказ дека плаќањето е извршено за да нема застој поради административни процедури. Во оваа насока, како што информира Догани, при контролите на храна која се превезува со железнички транспорт предложено е да се зголеми бројот на инспектори кога е најавено пристигнување храна на железничките гранични премини, како и зголемување на бројот на инспекторите на патните гранични премини во деновите или во периодите на денот кога е зголемена фреквенцијата на увоз или транзит на пратки со храна.
Според заменик директорот, дел од прашањата на транспортерите и шпедитерите веќе системски се решаваат преку подготвока на законски и поздаконски акти со цел забрзување и олеснување на постапките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.