| четврток, 6 декември 2018 |

На денешен ден пред 25 години почна војната во БиХ

vojna

Босна и Херцеговина и по 25 години од меѓународното признавање е етнички длабоко поделена држава во која нема единствен став на трите конститутивни народи за тоа кога во 1992 година и официјално почна војната во БиХ.

На денешен ден, 6 април 1992 година независноста на БиХ ја признаа тогашните држави од Европската економска заедница, а ден подоцна и САД. БиХ стана членка на ОН на 22 мај 1992 година.

Денот на меѓународно признавање 6 април бошњачката страна го прогласи за официјален датум на „почеток на агресијата врз БиХ и Сараево“, а денешниот ден се одбележува и како Ден на градот Сараево.

Трите народи во БиХ различно го квалификуваат речиси четиригодишниот судир во државата кој заврши со потпишување Дејтонски договор на 21 ноември 1995 година.

За Србите непосреден повод за војната беше смртта на српскиот сват Никола Гардовиќ, кој на 1 март на Башчаршија го уби припадник на „Зелени беретки“ и предвоен криминалец Рамиз Делалиќ.

Тој ден е одржан и референдум за независност на БиХ, кој Србите го бојкотираа. Тие претходно одржаа плебисцит за останување во тогашна СФРЈ.

По убиството на Гардовиќ, Србите поставија барикади низ Сараево, а граѓаните на 5 март одржаа антивоени протести во кои беа убиени Суада Дилберовиќ и Олга Сучиќ.

Бошњаците и Хрватите сметаат дека тие се првите жртви на Војната во БиХ.

За време на војната беа убиени или исчезнаа 97.207 луѓе, што е 2,22 отсто од вкупниот број жители на БиХ според пописот од 1991 година, тврди сараевскиот Истражувачко документациски центар.

Според Центарот, убиени се најмногу Бошњаци – 64.036, Срби 24.905 и 7.788 Хрвати. Податоците на Центарот велат дека страдале 39.684 цивили и 57.523 војници.

Најмногу настрадани се од подрачјето долж течението на Дрина – 29.752 жртви, потоа во регионот долж реката Уна – 14.461, додека во Сараево имало 14.011 жртви.

И покрај фактот дека ОН го прогласија Сараево за заштитена зона, српската опсада врз градот траеше 1.475 денови во кои според неколку извори, биле убиени 11.000 возрасни и повеќе од 1.600 деца. Врз градот биле испукани повеќе од 480 илјади проектили. Тоа беше најдолга опсада на град по Втората светска војна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top