| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Визијата за иднината ќе се оствари ако бидеме добри соседи

Нашата визија за иднината ќе се оствари ако заеднички соработуваме и бидеме добри соседи. Треба да учиме од минатото додека градиме сериозни изгледи за иднината. Очекуваме со ваквите средби да придонесеме за зголемена регионална соработка, рече министерот за надворешни работи, Никола Попоски, на отворањето на формалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) што се одржува во Охрид.

На состанокот во Охрид присуствуваат министрите за надворешни работи од Србија, Црна Гора, Хрватска и од Бугарија и неколку заменик-министри, како и еден политички директор како претставник на Грција. Во Охрид пристигна и заменик-министерот за надворешни на Косово. Тука се и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, генералниот секретар на Регионалниот cовет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ, генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер и други претставници на меѓународни организации.

Иако бугарскиот претседател беше меѓу првите кои го откажаа присуството на претседателскиот самит, новиот бугарски министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин, пристигна во Охрид само еден ден од стапувањето на функцијата. Вигенин изрази жалење за неуспехот на земјите од регионот да седнат и заедно да разговараат за својата иднина.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во неговото обраќање рече дека ПСЈИЕ во последните години дејствува како глас на регионот.

– Оваа соработка, меѓутоа, мора да биде инклузивна и да се постигне консензус за прием на Косово, што би било поздравено од Европската унија – изјави Филе.

Според него, нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е долг процес, а инклузивноста на државите ќе придонесе во неговото решавање.

Во однос на Македонија, Филе со став дека земјата оди напред во реформите, но важна е реализацијата на мартовскиот договор со сите негови точки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top