| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на акузматична музика на „Денови на македонска музика“

В понеделник, на 3 април, Македонска опера и балет – Мала сцена, 20 часот ќе се одржи Концерт на акузматична музика со танцов перформанс во кореографија на Елена Антонова – Петровиќ во изведба на ученици и студенти по современ танц од МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и ФМУ – Скопје.

На концертот кој е замислен како танцов перформанс во кореографија на Елена Антонова – Петровиќ, во изведба на ученици и студенти по современ танц од МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и Факултетот за музичка уметност во Скопје, премиерно ќе прозвучат новите акузматични композиции наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура, од авторите Кокан Димушевски, Дарија Андовска, Влатко Георгиев и Андреј Блажевски. Консултант за актерска игра е Драгана Босниќ, дизајн на светло е Васко Лисичов. Балетскиот ансамбл ќе настапи во состав: Христина Ангеловса, Марија Ристеска, Ана Марковска, Теодора Ежовска, Тања Василевска, Бојан Мицев, Фросина Шуман, Исидора Краљевска, Даниел Коцев и Ангела Михова.

Аpoptosis (апоптоза) е контролиран процес на програмирана смрт на клетките, кој се случува во мултиклеточни организми во текот на нивниот животен циклус. Бидејќи откако ќе започне, не може да се сопре, овој процес е строго регулиран и може да биде инициран на два начина: во случај на заболување на ткиво, клетката се самоуништува зашто чувствува опасност или, во случај на развој на ткиво, клетката се самоуништува поради сигнал од другите клетки – ја објаснува идејноста на делото „Apoptosis – a brief history of deaths“ реномираната композиторка Дарија Андовска, која дополнува дека референцата кон “A Brief History of Time” (Кратка историја на времето) од Стивен Хокинг само ја надополнува метафората за личниот микро – и макро – космос и внатрешните превирања.

Делото „Ладно уништување“ е инспирација и резултат на случувањата во земјава, но и пошироко во светот. Елементите искористени во ова музичко дело ја „раскажуваат“ приказната на вечниот процес на создавање: распаѓање и повторно создавање, на акција и реакција, фузија и фисија… Музиката, звуците, музичката структура на ова дело, ја изразуваат мојата индивидуалност и сензибилитет и говорат за состојбата во која се наоѓам како автор во мојата почетна музичка кариера – вели младиот автор Андреј Блажевски, кој смета дека танцовиот перформанс креиран врз звучната структура на делото ќе придонесе за поголемо музичко доживување меѓу посетителите.

Елена Антонова – Петровиќ е балетски педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ по предмети од областа на современиот танц. Таа е и стручен соработник на катедрата за балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје по предметот модерен танц. Дипломира на Академијата за музика и танц во Пловдив, Бугарија, а стручно се надградува во Македонија и низ повеќе европски земји. Реализира бројни проекти како танчер и како кореограф. Нејзините кореографски дела во последните години се одликуваат со внимателно одбрани и оригинални идејни решенија во поглед на тематиката, лексиката, музиката и костимографијата. Антонова – Петровиќ работи со танчери од различни возрасти и на различно едукативно и интерпретативно ниво. Посветеноста, квалитетот, љубовта и професионализмост со кои им приоѓа на своите кореографски дела оставаат силен впечаток на публиката и на критиката, за што говорат и бројните награди што ги има освоено, како и бројните фестивалски настапи, концерти и перформанси во Македонија и надвор од нејзините граници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top