Работата во Собранието на Република Македонија само дополнително ги потврдува предупредувањата дека дебатата и демократијата нема да играат никаква улога кон разнебитувањето на државата кон која се движат социјалдемократите со нивните иредентистички партнери. Барањата да се прескокнат пропишаните стапки за избор на собраниските тела, со злоупотреба на „кратенките“ како што се поднесените 20 пратенички потписи за избор на собраниски претседател, само ги потврдуваат наводите дека тиранската платформа не само што е влезена во Собранието туку и служи како прирачник кој го заобиколува Деловникот за работа кон договореното редефинирање.
Конститутивната седница неминовно ги отвори прашањата од тиранската платформа кои се болна точка за социјалдемократите. Никој од нив не смогна сили јавно да каже што е прифатено од неа како основа за добивање на поддршката за Зоран Заев за идно владејачко мнозинство од потписниците – ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците. Не смогнаа сили да обзнанат какво законско решение за јазиците е утврдено, ниту да се зборува по прашањето за договорената резолуција за осуда на наводен геноцид врз Албанците. Никој од нив од собраниската говорница не покажува што е тоа што предизвика промена на ставот кај Заев за пратеникот Талат Џафери од ДУИ од бесрамен лажго, сега да го претставува како човек со капацитет и искусен парламентарец кој може да го менува претседателот на државата во негово отсуство. Уште повеќе што за ова персонално решение медиумите однапред пишуваа дека е компромисот што го прифатил Заев како решение кон бинационалната држава и вовед во двојазичноста на цела територија.
Разбирливо е и пратениците што не се дел од коалицијата во чијашто основа е тиранската платформа, да бараат одговор од социјалдемократскиот врв за искажаните ставови за прифатливоста на платформата, како и одговор во која насока ќе функционира Собранието под евентуалната палка на Џафери – дали според зацртаните правила во Деловникот, законите и Уставот или ќе го води Собранието според меѓупартискиот договор во чијашто основа е тиранската платформа. Демократски, а и општествено е потребно социјалдемократите да влезат во отворена дебата за овие прашања по сите прозивки, кои не доаѓаат само од нивните колеги пратеници во парламентот, туку и од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Сепак, социјалдемократите уште при конститутивната седница го покажаа својот недостиг од капацитет за парламентарна демократија. Молкот и неискреноста за овие суштински прашања ги подгреваат незадоволството и противењето на тиранската платформа кои се излеваат на улиците. Дополнително на нив влијаат и обидите за избегнување на демократски воспоставените парламентарни правила за избор на собраниски спикер. Сето тоа оправдано наведува кон сомнеж дека нема да се случува ништо поразлично и потоа, кога ќе дојде на ред и планот за формирање влада без мандат од претседателот на државата, доколку Ѓорге Иванов се оглуши на евентуалното барање на мандат од идниот собраниски спикер, предложениот Џафери. И тогаш, како и сега, се очекуваат обиди за премостувања на утврдените процедури. Не смее да се заборави дека сѐ уште е актуелно и барањето пред изборот на влада да биде донесен и веќе договорениот, а сокриен од очите на јавноста, закон за употреба на јазиците, со што би се направил обид да се заобиколи Уставот кон воведување двојазичност во целата држава.
Ваквите планови за „кратенки“ и заобиколувања, што со предлогот од 20 потписи за Џафери во Собранието ги промовираат социјалдемократите, не се ништо ново во нивното дејствување, а своја потпора наоѓаат во настапите од советниците на Заев, кои подолго време ја наметнуваат идејата да бидат донесени закони и решенија за потоа преку Уставниот суд да се толкува дали тие зафати се во судир со Уставот или не се. Не смее да се заборави дека таквите насоки „направи, па нека се жалат, времето тече“ беа истите совети што ги добиваше социјалдемократскиот партиски секретар Оливер Спасовски, кому како технички министер во МВР тоа му стана принцип на работа кога ги спроведуваше персоналните смени на раководните лица, спротивно и од Договорот од Пржино и од внатрешниот систем за кариера и напредување во институцијата.
Но, игрите со толку сензитивни прашања од државен интерес, како со законот за јазиците, за резолуцијата за геноцид, потоа законски можности општините да имаат свои полиции и да водат матични книги, но и решенија што задираат во државните идентитетски симболи – знамето, грбот химната – кои според основата на новата мнозинска коалиција се очекуваат да дојдат „на тапет“, се многу опасни и не само што со време нема да ги смират тензиите, туку дополнително ќе ја втурнат државата во поделби и практично целосно двоење меѓу тоа што е изразена изборна волја и нивните социјалдемократски претставници во Собранието. Уште повеќе што истите советодавци отворено признаваат дека се свесни за оваа политика, за која сега се залагаат, дека е лоша за државата и дека со неа не се согласува најголемиот процент од гласачкото тело. Барањата и посочувањата дека локалните избори, со кои веќе се доцни, не би требале да се закажат скоро, што е уште едно кршење на законите, а не пак со нив да бидат закажани и предвремени парламентарни избори, се доволен показател. Токму тука лежи и притисокот врз социјалдемократите и причината за нивниот молк во Собранието бидејќи знаат дека е огромен процентот на тие што им го обезбедија мандатот, секако без поддршката на инженерингот, кои не се само изненадени од актуелната состојба и залагања на нивниот избор, туку и активно се вклучени во секојдневните протести барајќи отфрлање на платформата, но и одговори и одговорност од своите избраници.
Со ваков развој на случувањата јасно е дека кризата може да продолжи во недоглед. Оттука, јасна е и намерата на ВМРО-ДПМНЕ, која како партија отворено застана во одбрана на државните интереси, со својата понуда кон парламентарните партии да понуди излез од кризата.
„Патоказот“, како што се нарекува понудата, содржи неколку прашања по кои партиите би требало да постигнат консензус и потоа, раководејќи со по него, да создадат насоки за излез од кризата.
Во дефинирањето на „Патоказот“, ВМРО-ДПМНЕ бара одговор на тоа дали важноста на политичката практика за коалицирање на победник со победник е фактор на дополнителна стабилност во државата и дали како таква треба да опстои или да се отфрла сега и во иднина.
Понатаму, дали се прифатливи странските агенди во внатрешнополитички цели или, пак, единствено тие што се претставени и верификувани од граѓаните на Република Македонија на избори се актуелни, релевантни и продуктивни агенди за државата?
Третото прашање од „Патоказот“, можеби, најмногу се однесува на актуелноста во Собранието: Дали при конституирањето на Собранието, сегашното, но и во секој иден состав, позицијата претседател на Собранието на Република Македонија логично би му следувала на политичката коалиција или партија што победила на изборите или треба да биде предмет на надгласување? Притоа, кои би биле гаранциите дека позицијата претседател на Собранието на Република Македонија не би била злоупотребена за политички махинации со цел одложување одредени закажани или предвидени избори и игнорирање на волјата на мнозинството граѓани, кои имаат најголем број изгласани пратеници во Собранието?
Четвртото прашање што го поставува ВМРО-ДПМНЕ до политичките партии се однесува на тоа дали сите политички актери се согласни со задржувањето на мултикултурниот модел на македонското општество со еднаква промоција на сите заедници или се поддржува промена на овој моделот во двонационален, на сметка на повеќето немнозински заедници?
Петтото прашање е дали врвен приоритет во овој момент останува стабилизирањето на државата, институциите, економијата и европските реформи за евроинтеграции како обединителна сила за сите граѓани или, пак, сите овие приоритети треба да се заменат со редефинирање на односите меѓу заедниците и државното устројство на Република Македонија?
Доколку сериозно се разгледа предлогот од овие пет прашања, кои ВМРО-ДПМНЕ ги предочи до партиите, се смета дека заеднички може да се утврдат одредени принципи не само за надминување на оваа политичка криза, туку и како основа и принцип за во иднина да се спречат постизборни измами, уцени и наметнувања платформи што не минале низ гласачкиот филтер кај јавноста.
Патоказот и евентуалниот консензус, сепак, нема да ги намалат притисоците од јавноста кои бараат комплетно отфрлање на тиранската платформа и распишување нови избори за да може вистински да се одлучи за тоа во кој правец треба да се движи Република Македонија.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 239. број на неделникот „Република“, 31.3.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.