| четврток, 6 декември 2018 |

Дарушафака со значајна победа во Германија, Црвена Звезда виси за топ-8 фазата

darusafaka

Дарушафака останува во игра за осмото место на табелата и пласманот во четвртфиналето од Евролигата откако тимот на Дејвид Блат вечерва стигна до огромна победа во Германија над тимот на Бросе Бамберг (97-99). Турскиот прволигаш може да биде горд на покажаниот карактер, откако се врати од негатива од 14 поени и се избори за неизвесен финиш. Брозе на една минута до крајот имаше „плус пет“, но Харангоди ја погоди клучната тројка со која го одведе мечот во продолжение. Дариус Милер беше трагичарот на Брозе, откако ги промаши шутевите за победа, како во регуларниот дел, така и на крајот од продолжението. Триумфот на Дарушафака е лоша вест за Црвена звезда, со оглед на фактот дека српскиот тим сега ниту со победа над Уникс Казан на утрешната средба нема да си го осигура пласманот во Топ 8.

Вонамејкер беше херојот на Дарушафака со 30 поени против својот поранешен клуб, додека Клибурн придонесе со 26 поени во големата победа на тимот предводен од Дејвид Блат.

По ваквиот развој на настаните, без разлика дали Црвена звезда утре ќе слави или ќе загуби од Уникс Казан, решавачки ќе биде мечот од последното коло во Истанбул меѓу Дарушафака и шампионот на АБА-лигата, на кој победникот ќе се пласира во четвртфиналето, а поразената екипа ќе се најде на деветтата позиција.

Анадолу Ефес славеше во пресметката со Олимпијакос со резултат 77-69, со што турскиот состав си ги задржа шансите за четвртото место на табелата. Агресивната одбрана на тимот на Перасовиќ вроди со плод, па иако Спанулис стигна до дабл-дабл од 11 поени и 10 асистенции, Ефес сепак заслужено стигна до победата, пред се благодарение на Ертел и неговите 18 поени, додека по 11 поени постигнаа Ханикат, Пол и Данстон.

Барселона славеше на домашен терен над Макаби со 76-71, во дуелот на тимовите кои се најголеми разочарувања сезонава во Евролигата. Каталонците одлично го почнаа мечот и експресно поведоа со 10-0, гостите возвратија и се вратија во мечот, за каталонскиот гигант со прецизни слободни фрлања во самиот финиш да си ја осигура победата. Томиќ со 15 и Копонен со 14 поени беа најефикасни во овој триумф на Барса, додека прв стрелец на Макаби беше Мекел со 18 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top