110 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Република Македонија користат „Фејсбук“, покажа најново истражување спроведено во период 22-29.03.2017 година.
Споредено со 2009 година, кога за првпат е правено слично истражување, процентот на пратеници кои го користат социјалниот медиум „Фејсбук“ се зголемил од 29% (во 2009 година) на 92% денес, односно пораснал од 35 на 110 пратеници.
Повеќе од 60 пратеници секојдневно или неколку пати неделно објавуваат содржини на својот профил или страница на „Фејсбук“, а останатите тоа го прават повремено или, пак, само за време на предизборни кампањи.
Само 12 пратеници имаат верификувани страни, поточно потврда од „Фејсбук“ дека таа страна е на автентична личност. Забележливо е дека актуелните/поранешните кандидати или носители на високи јавни функции почесто користат официјални „Фејсбук“ страни или комбинирано користење на Фејсбук профил и страна.
ПРЕПОРАКИ:
Собранието на Република Македонија на својата веб страна, во делот наменет за секој пратеник да додаде контакт од нивниот Фејсбук профил/страна, но и други социјални медиуми кои пратеникот/чката ги користи. На овој начин граѓаните ќе можат директно да се обратат до секој пратеник, дадат иницијатива, предложат одреден правен акт, постават прашање на кое ќе добијат одговор и слично.
Пратениците јасно да ги означат своите официјални профили, страни и канали на социјалните медиуми, со цел граѓаните/гласачите полесно да може да ги пронајдат и стапат во директен контакт со нив. Соова ќе се исполни основниот предуслов поради кој пратениците се одлучиле да ги користат социјалните медиуми – двонасочна комуникација во реално време.
Секој пратеник е потребно да има свој посебен онлајн тим кој ќе се грижи за ажурирањето на содржините кои пратеникот/чката ги објавува на социјалните медиуми, вклучувањето на граѓаните преку социјалните медиуми во работата на Собранието на Република Македонија, како и водењето грижа за брзо и квалитетно одговарање на поставените прашања, коментари и сугестии.
Динамиката на објави е потребно да биде секојдневна, а не повремена. Пратениците и нивните тимови мора да се грижат за објавување на поголем процент оригинални објави, наместо само споделување на линкови од текстови, статии и видеа од своите јавни настапи или едноставно споделување на партиските содржини кои се веќе објавени на партиската Фејсбук страна.
Пратениците и политичарите кои ги користат социјалните медиуми само за време на предизборни кампањи покажуваат несериозен пристап кон он лајн заедницата, но и кон посебната заедница која секој социјален медиум ја има во нашата земја. Наша препорака е да го променат таквиот пристап и да започнат со редовна/секојдневна активност на социјалните медиуми.
Пратениците и другите политичари е потребно да бидат присутни и активни и на другите социјални медиуми како Твитер, Инстаграм, ЈуТјуб и други кои имаат своја респективна публика во Македонија.
Автор: Бојан Кордалов, Специјалист за нови медиуми
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фејсбук уште во 2014 година знаел за руското мешање на интернет
-
Ситуацијата е алармантна и треба да се реагира: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа Информација за енормното загадување на воздухот
-
Хакери го нападнаа „Фејсбук“
-
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието доставија предлог за формирање Анкетна комисија