Предлогот на СДСМ, ДУИ и на „Алијансата за Албанците“, Талат Џафери да биде претседател на Собранието и натаму ја бранува политичката и општествената јавност.
Но, ако досега речиси без исклучок ставовите „за“ и „против“ одреден кандидат Албанец да биде на висока државна функција се воделе на релација македонски и албански блок, првпат се случува жестината на дебата, пред сè, да биде во албанскиот кампус и тоа токму за кандидатурата на Џафери за прв парламентарец, пишува „Дневник“.
Kритиките се дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, решил поранешен припадник на ЈНА да предложи за прв претседател Албанец на парламентот во плурална Македонија. Одбраната, пак, одговара дека неверојатно е Албанци да се противат поранешен командант на ОНА да биде претседател на Собранието.
Поделбата „за“ и „против“ кандидатурата на Џафери e највпечатлива кај политичарите и партиите. Специфично е дека барем досега албанскиот кампус, без оглед на кандидатот и на неговата политичка провиниенција, никогаш не бранувал кога се избирал или именувал Албанец за вицепремиер, министер, заменик-министер, градоначалник, државен секретар…
Наспроти тоа, номинацијата на Џафери за втор човек во државава ги подели и партиите и политичките аналитичари и медиумите.
Беса прва се изјасни дека нема намера да го поддржи Џафери, бидејќи, како што велат имал коруптивно и криминално минато, дека е дел од гарнитурата на ДУИ која 10 години му слугувала на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и оти со такви ликови не може да се спроведат реформи во општеството. Kако главен хендикеп на Џафери за престижната функција се потенцира дека бил во служба на ЈНА, дека бил условно осуден за изборно насилство на изборите во 2008 година, дека ја ангажирал сопартијката Ермира Мехмети за советничка во Министерството за одбрана за хонорар од 500 евра.
Поранешниот пратеник Абедин Зумбери ѝ забележува на ДУИ дека со функцијата претседател на Собранието, Албанците нема ништо да добијат.
– Зошто не барате министерски позиции кои се во служба на граѓаните, туку исполнувате индивидуални желби. Не заморувајте ми го мозокот со таа функција бидејќи, освен што на Џафери ќе му се исполни личната амбиција и ќе има повисока плата, лично возило и возач, Албанците нема да добијат ништо – вели Зумбери.
По Беса, виси поддршката за Џафери и од ДПА на Мендух Тачи.
Пратеникот на ДПА, Бардуљ Даути, вели дека не ја разбира амбицијата на Џафери да биде претседател на Собранието. ДПА, најверојатно, ќе биде воздржана.
– Симболиката не е иста со таа што ДУИ сака да ја покаже пред јавноста, дека еве ние ќе имаме Албанец за претседател на Собранието и со тоа ја решиле и албанската кауза. Не е така. Симболиката која сака да ја наметне ДУИ е и дека тој е командант на ОНА. Добро, но има и многу други команданти на ОНА, кои сега се во затвор и ДУИ треба да даде отчет за нив, а не за Џафери. Тој не бил единствениот командант на ОНА и поради тоа и не е многу битно дали Талат Џафери ќе биде претседател на Собранието – вели Даути за телевизија на албански јазик.
За ДУИ и нејзините поддржувачи, пак, несфатливо е како политичари Албанци може да бидат против тоа поранешен командант на ОНА да биде претседател на парламентот.
Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, ја етикетира Беса дека игра за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи не го подржува Џафери.
Пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, порача дека Беса ќе плати политичка цена оти не го поддржува Џафери за претседател на парламентот. Ваљон Бела, пак, во одбрана на Џафери на Беса ~ порача:
– Нема ништо полошо од тоа да бидеш на спротивната страна од тие што ја пишуваат историјата.
Македонскиот политички блок молчи
Наспроти расправата во албанскиот блок, најголемите партии на Македонците, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, првпат не брануваат и меѓу себе не се обвинуваат за предлогот Џафери да биде новиот претседател на Собранието. Игнорантскиот однос за номинацијата на Џафери е поради фактот дека Џафери беше министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ и сега предлог на СДСМ за претседател на парламентот.
Цуцуловски: Недозволиво е воен дезертер да биде претседател на Собранието
Ни во македонскиот дел од јавноста нема дебата за предлогот за нов собраниски спикер, со исклучок на неколку ставови на професори и аналитичари. Против номинацијата на Џафери се изјасни универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски.
– Одредени политички кругови, без окно да им трепне, го предлагаат Талат Џафери за претседател на Собранието. Џафери бил припадник на АРМ, кој само неколку дена по масакрот кај Вејце (28.4.2001), дезертирал и преминал во паравоената ОНА (односно УЧK) станувајќи нејзин командант, познат под псевдонимот Kомандат Форина.
Овој предлог за претседател на Собранието е еднаков на идејата за претседател на Сенатот или на Kонгресот на САД да биде предложен некој што дезертирал од армијата на САД и кој, згора на с`, бил на клучни позиции во организацијата која ги подготвувала и која ги извршила терористичките напади во САД од 11.9.2001 година. Такво нешто во САД или во која било нормална држава не само што не може да се случи туку не може ни да се замисли.
Мојот став дека е недозволиво, дека е далеку од кој било нормален ум на клучни места во државата да се поставуваат воени дезертери или припадници на терористички или илегални организации во повеќе пригоди јавно сум го изнесувал е дел од статусот на „Фејсбук“ на Цуцуловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Касами го потсетува Заев: Доби гласови од Албанците, сега одговори на нивните барања
-
Движење БЕСА на Билал Касами: Понудата на Заев за простување, ги девалвира евро-атлантските вредности
-
ДУИ не се подготвени: Не е време за предвремени избори
-
Ахмети: ДУИ има огромен придонес во менувањето на името на државата со цел доближување до ЕУ и НАТО