| четврток, 6 декември 2018 |

Зврлевски на Конференција за следење на комуникациите: Опремата ја користи исклучиво МВР

Примената на посебни истражни мерки, особено следењето на комуникациите како начин за обезбедување на докази во кривичната постапка за гонење на сериозен вид криминал и зачувување на безбедноста на државата претставува предизвик со кој се повеќе се соочуваат јавните обвинители при своето работење, истакна денеска државниот јавен обвинител Марко Зврлевски на отворањето на меѓународна конференција „Следење на комуникациите – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“.

– Прекуменрното користење на ова исклучително ефикасно средство за борба против организираниот криминал, корупцијата и тероризмот од една страна, но и средство со кое директно се задира во основните човекови права од друга страна, се почесто се злоупотребува. Сведоци сме на обелоденување на тешки злоупотреби на агенциите за разузнавање на овој вид опрема и нивно незаконско користење најчесто со политички цели. Токму нелегалното следење на комуникациите во Република Македонија придонесе нашата држава да се соочи со сериозна општествена криза, рече Зврлевски.

Улогата на јавниот обвинител, посочи Зврлевски, од аспект на чувар на правото станува се поизразена и ваквите случувања, како што рече, поттикнуваат размисли за тоа кои заштитни механизми да се воведат за да се спречи злоупотребата на овие системи во иднина.

– Процесот на следење на комуникации во Република Македонија е регулиран со законите за кривична постапка и за следење на комуникациите. Во декември 2013 година стапи во сила нов закон за кривична постапка со кој јавниот обвинител доби несомнено многу поголеми овластувања од порано. Обвинителот доби овластувања  за самиот да спроведува посебни истражни мерки или под негова контрола. Ваквото законско решение повеќе или помалку остана на хартија, изјави Зврлевски.

Посочи, дека иако овластени органи за следење на комуникациите се Јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Царинската управа, фактички тоа остана во рацете на МВР бидејќи до денеска тие исклучиво ја поседуваат потребната опрема.

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски рече дека Република Македонија ги следи глобалните трендови во справувањето со организираниот криминал и на полето на реформата на казненото право усвои измени во насока на приближување на казнено-правниот систем до европските стандарди.

– Посебните истражни мерки претставуваат ефикасен правен инструмент во борбата против организираниот криминал и корупција. При нивното дефинирање особено е битно да се води сметка за рамнотежа меѓу слободите и правата на човекот и граѓанинот од една и ефикасноста во справувањето на најефикасните облици на кримнал од друга страна. Посебните истражни мерки дефинирани во новиот закон се целосно усогласени со меѓународните стандарди и пракси во оваа област. Нивната примена е битно ограничена и истите се применуваат само тогаш кога е веројатно дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходно за успешно водење на кривичната постапка, истакна претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top