Доколку политичарите пред пет години решеа како сега да тргуваат со името, грбот, химната на Република Македонија, што ли ќе им пеевме на нашите спортски херои, ракометарите и кошаркарите, прашува водителот Димитар Атанасовски, кој денеска се обрати пред граѓаните собрани пред Собранието на Република Македонија.
-Најпрво би сакал да ви честитам на храброста, на издржливоста, на овој 29-ти ден повторно да сте на истото место и да не отстапите од вашите цели. Секој ден сум овде со вас и секој ден го делам истото мислење, а тоа е дека Македонија вака се сака. Го носам овој шал за кој сум емотивно врзан, бидејќи истиот овој шал го носев пред пет години кога ги дочекувавме кошаркарите и ракометарите со нивните најголеми успеси. Со цел памет тогаш политичарите да тргуваа со името, со грбот, со химната, што ли ќе извикувавме тогаш и што ли ќе им викавме на нашите борци кои што се бореа со целот срце пред цела Европа. Македонија се сака со цело срце и душа. Ако тогаш пеевме „Едно име имаме“ треба да пееме и сега, вели Атанасовски.
Димитар Атанасовски им порача на сите политичари кои сакаат да тргуваат со националните интереси на Република Македонија, дека народот нема да им го дозволи тоа и нема да успеат.
Без разлика кои се, од која партија доаѓаат ние имаме едно да порачаме, а тоа е дека со национални интереси не се тргува, не смееме да дозволиме кога светот веќе не нé негира како Македонци, како Република Македонија, некој дома да ни кажува како да се викаме и кој јазик да го зборуваме. Затоа би сакал да им порачам на сите оние шарлатани што мислат дека можат да си играат со Македонија и македонскиот народ, чука последниот час кога тие ќе се дрзнат да зборуваат за македонскиот народ и македонскиот јазик. Се знае на кој јазик се зборува во оваа држава и на кој јазик ќе се зборува, а тоа е македонскиот јазик.
Тој на крајот се заблагодари на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која секој ден во голем број ги собира граѓаните на улиците, за одбрана на државноста на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.