| четврток, 6 декември 2018 |

Деби од соништата за Маверик Вињалес, победи на првата трка за Јамаха во МотоГП

maverik vinjales

Младиот шпански моторциклист Маверик Вињалес имаше катастрофален старт на деби трката во „кралската класа“ како член на Јамаха, но како што одминуваше трката, фантастичниот возач на најдобар можен начин демонстрираше зошто беше најбрз на сите зимски тренинзи и на петочниот тренинг на трката за Големата награда на Катар.

Популарниот „Мак“ падна на петтото место и експресно ја загуби пол-позицијата во првиот круг, а иако во тој момент се чинеше дека ќе има тешка задача да фати приклучок со водечките Зарко, Довициозо, Маркез и Јаноне, сепак со хируршко прецизно возење во вториот дел од трката стигна до деби од соништата за новиот тим на Јамаха. По излетувањата на Зарко и Јаноне, Вињалес му се доближи на Маркез и ја искористи шансата за да го престигне актуелниот шампион, но мора да се потенцира дека неговиот ритам го следеше и Валентино Роси кој од 10-то место се избори за фантастично место на подиумот.

Набрзо откако беше минат од Вињалес, Маркез без премногу борба му го отстапи местото и на Валентино Роси, а во последните шест круга единствено неизвесна беше битката за првото место. Маверик наметна страшен ритам и постојано беше подобар од Довициозо во свиоците, а единствено што го вадеше Италијанецот беше брзината на Дукати на стартот на целната рамнина. Дови во неколку наврати успеа да се врати на првото место токму на овој дел од патеката, меѓутоа немаше шанси во последните два круга во кои Вињалес маестрално оддолеа на притисокот за прва Мото ГП победа како возач на Јамаха.

Пласман во првите шест на трката за ГН на Катар изборија уште Педроса и Еспаргаро, додека разочарувачко деби за Дукати имаше Лоренцо кој заврши само на 11-то место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top