| четврток, 6 декември 2018 |

Што велат аналитичарите: Злато или сребро – што е подобра инвестиција?:

Почетокот на 2017 година на инвеститорите кои преферираат вложување во благородни метали им донесе натпросечни приноси. Цената на златото во последните два месеца порасна за 8,9 проценти, а на останатите благородни метали кои се популарни меѓу инвеститорите, уште повеќе.

Среброто моментално е за 15,3 насто поскапо отколку што беше последниот ден од минатата година, додека цената на платината и на паладиумот во истиот период порасна за 13,8 проценти, анализира порталот Дневно.хр.

Можни се две причини за наглиот раст на цените на благородните метали. Првата е политичката нестабилност во САД и во Западна Европа, која потенцијално може да доведе до пониски стапки на економски раст во следните години. Извор на нестабилноста во САД е претседателот Трамп кој и понатаму инсистира на политика која не и се допаѓа ниту на американската јавност, ниту на американските трговски и воени партнери. Во исто време во Европа постои ризик дека на изборите во Франција и во неколку други членки на ЕУ ќе победат партии кои отворено ја критикуваат ЕУ и кои споменуваат можност за референдум за членство во Унијата и/или во еврозоната.

Друга потенцијална причина за раст на цените на благородните метали, анализира Дневно.хр, е раст на стапката на инфлација во развиените економии. По скоро цело десетлетие невообичаено ниски стапки на инфлација, последниве месеци цените почнаа да растат, па стапката на инфлација се приближи на нивото од два процента. што според повеќето централни банки е оптимално ниво. Бидејќи при високи стапки на инфлација парите всушност губат на вредност, дел од инвеститорите во таква ситуација капиталот го вложуваат во благородни метали за да се заштитат, а притоа им ја дигаат цената.
Аналитичарите на Адмирал Маркетс сметаат дека сегашниот раст на цената на благородните метали нема да потрае. Имено, кога се во прашање француските избори, извесно е дека Ле Пен нема да стане претседателка, па може да се очекува дека по изборите ќе дојде до олеснување и бран на продажба на злато и на други метали кои служат како заштита од ризик. Кога е во прашање стапката на инфлација, за очекување е дека централните банки ќе се обидат да спречат раст со подигање на каматните стапки. Како што ќе растат каматните стапки, поседувањето на злато кое не носи никаква камата ќе биде се помалку примамливо.

Со секое ново подигање на каматите во САД, во еврозоната, Јапонија и Обединетото Кралство, се повеќе инвеститори ќе се одлучуваат на продажба на благородни метали и вложување на капитал во обврзници, орочена заштеда и слично. Притоа цената на благородните метали би требало да паѓа.
Поголем пораст на цената на среброто, платината и паладиумот од порастот на цената на златото е очекуван.

Имено, пишува Дневно.хр, за разлика од златото кај кое само десетина отсто од производството се користи во индустријата, повеќе од половина од просечното годишно производство на сребро, платина и паладиум се користи за производство на катализатори, во медицината и во електрониката. Тоа значи дека поголемиот дел од ископаното злато останува во форма на накит и прачки, додека поголемиот дел од ископаното сребро, платина и паладиум се трошат во индустријата, па лесно може да дојде до недостаток на пазарот.

Во таква ситуација аналитичарите на Адмирал Маркетс сметаат дека долгорочните вложувачи во сребро, платина и паладиум би требало да поминат подобро од вложувачите во злато.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top