| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерата на мјузиклот „Тајно моја“ предизвик за учесниците

На сцената на Македонската опера и балет премиерно беше изведен мјузиклот „Тајно моја“ посветен на Тоше Проески.

Мјузиклот е базиран на голем број музички хитови на Тоше Проески кој низ својата изведба ги обедини различните народи и култури на Балканот. Музичкото творештво и хуманитарното наследство што го остави Тоше Проески беше вистински предизвик и одговорност за нас, велат учесниците во мјузиклот „Тајно моја“ во режија на Тони Михајловски.

Со својата музика тој ги обедини луѓето во љубовта и почитта кон музиката, со својата прерана смрт ги сплоти во тагата и болката.

-Ние би сакале пред се сите ова да го направиме за Тоше Проески, бидејќи тој го заслужуваше ова и мислам дека би бил многу горд да го види ова со сите нас, истакна Антонија Гиговска која ја толкува улогата на Ана во мјузиклот „Тајно моја“.

-На некој начин ова претставува едно школо за сите нас кои што доправа почнуваме да градиме некакво искуство на оваа сцена. Се надевам дека ќе успееме да ги оправдаме очекувањата на публиката и сите ќе бидат задоволни, додава Денис Димовски.

Во мјузиклот покрај Гиговска и Димовски кој ги играат главните ликови настапуваат и актерите Весна Петрушевска, Игор Џамбазов, Дејан Лилиќ и Арна Шијак.

-Оваа претстава веројатно го има она што го немале многу претстави. Тоа е една посебна енергија, една посебна љубов кон Тоше. Ова е еден прекрасен вид IN MEMORIAM за Тоше Проески каков што тој заслужуваше многу многу порано, забележува Игор Џамбазов.

За композиторите Сони Петровски и Кокан Димушевски, кои се воедно и автори на новите аранжмани, Тоше Проески се вбројува во ретките кој умееше да ги долови музичките суптилности на композицијата.

-Од една ваква временска дистанца повеќе од десетина години беше навистина интересно да се пристапи на неговите најголеми хитови, но не само да се аранжираат сами по себе, туку и да се стават во еден ваков поширок контекст, вели Сони Петровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top