Светски познатиот виолинист Роби Лакатош пристигна во Битола и првата средба ја посвети на претставниците на средствата за јавно информирање.
На прес-конференцијата во НУ Центар за култура-Битола, организатор и домаќин на концертот на Лакатош кој ќе настапи заедно со Камерниот оркестар на Битола, гостинот рече дека е подготвен за едно големо музичко изненадување кое ќе биде слушнато утревечер во големата сала на Центарот во овој град.
-Задоволен сум што повторно сум во Република Македонија и за прв пат во Битола. Ќе настапам со Камерниот оркестар на Битола и верувам дека понудената програма ќе им се допадне на сите. Публиката ќе чуе музика од мојот прв албум, потоа албумот со филмска музика и секако неизбежниот унгарски чардаш. Но, ќе има и едно музичко изненадување, рече Лакатош.
Камерниот оркестар на Битола и Лакатош ќе музицираат под диригентство на гостинот од Ниш, Србија Зоран Станисавлевиќ, најави Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
-Концертната година на Камерниот оркестар на Битола почнува со врвен солист, врвниот виртуоз на виолината Роби Лакатош. Неговото прво доаѓање и настап во Битола очекуваме да биде проследен од бројна публика, на концерт што ќе се памети. Самиот податок дека Лакатош настапувал со Херби Хенкок, еден од најголемите композитори во џез музиката, доволно зборува за тоа каква привилегија има битолската публика и секако нашиот оркестар, посочи Димитровски.
Лакатош настапувал на најпознатите фестивали во Европа, Азија и Америка. Неговото музицирање се развива во рамките на Бела Барток конзерваториумот во Будимпешта, а потоа настапува насекаде во светот. Во Македонија прв пат настапи пред три години на „Охридско лето“ во Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.