Француската актерка Изабел Ипер во пресрет на одбележувањето на Светскиот ден на театарот 27 Март, ја напиша годинашната светска порака во која вели дека театарот има плоден живот кој им пркоси на просторот и времето и дека најсовремените пиеси се потпираат на достигнувањата од минатите векови, а дури и најкласичните репертоари стануваат модерни и витални кога повторно ќе се постават на сцена…
– Тогаш, Светскиот ден на театарот очигледно не е обичен ден споен во процесија со други обични денови. Тој ни овозможува пристап до еден огромен просторно-временски континуум, истакнува Ипер која нагласува дека е граѓанин на светот, благодарение на личниот ансамбл кој постои во неа, бидејќи токму тука, како што вели, на сцената, во театарот, се наоѓа вистинската глобализација.
– Додека ви се обраќам, јас не сум јас, не сум актерка, јас сум една од многуте луѓе благодарение на кои театарот постои. Тоа е и наша должност, но пред сè наша потреба; како што се вели: „Не постои театарот поради нас, туку ние постоиме благодарејќи му нему. Театарот е силен. Тој се спротивставува и преживува сè: војни, цензури, сиромаштија…. За мене театарот е оној другиот, тој е дијалог, тој е отсуство на омраза. Пријателство меѓу народите – не знам што тоа точно значи, но верувам во заедницата, во пријателството меѓу публиката и актерите, во трајното единство меѓу народите кои театарот ги спојува – преведувачи, едукатори, костимографи, декоратери, професори, практичари и публика. Театарот нè штити, нè засолнува… Јас верувам дека театарот нè сака… онолку колку што ние го сакаме…, наведува познатата француска актерка во светската порака за театарот за 2017 година.
Македонската порака годинава ја напиша режисерот и костимограф од Народниот театар Битола Благој Мицевски, во која вели дека не се согласува со она што многумина го велат – дека театарот има моќ да го менува светот на подобро.
– Сведоци сме дека тоа не е така, но, сепак, театарот има моќ да го менува човекот, да создава подобри светови од оној во којшто секојдневно живееме, да создава слики што порано не сме ги виделе, јазик што сите го разбираме и на кој заедно се смееме или плачеме. Некои, пак, велат дека театарот е во криза. И со тоа не се согласувам. Во криза е човекот кој не сака безгрижноста на својот дом, удобноста на својата фотелја и виртуелниот свет да ги замени со реален, вистински контакт и возбуда. Во светот во кој еден фејсбук-статус ве прави да се чувствувате како херој или како голем уметник или како сестран експерт, знам дека е тешко да се биде реален, пишува Мицевски.
Театарот за него е храна, и тоа – органска, затоа што, вели, сами ја засејуваме, затоа што знаеме на каква почва ја одгледуваме, затоа што не ја прскаме со вештачки ѓубрива, туку ѝ подаруваме љубов, а не лажни ветувања.
– Храна, која иако понекогаш ни го превртува желудникот, нѐ прави да се чувствуваме добро и долго да живееме. Театарот и јас – веќе немаме потреба од долги разговори, интуитивно се чувствуваме. Немаме потреба од виртуелни пријатели и обожаватели од кои повеќе од половина не те поздравуваат кога ќе те сретнат на улица. Имаме потреба од долги аплаузи. Сега, мислам дека е време да ги исклучите вашите мобилни телефони и онака искрено да се погледнеме очи в очи, пишува Мицевски во македонската порака по повод Светскиот ден на театарот.
Одбележувањето на Меѓународен ден на театарот е инициран на деветтиот Светски конгрес на Интернационалниот театарски институт (ИТИ), во јуни 1961, на предлог на Финскиот центар на ИТИ. Од наредната, 1962 година, секој 27 март Светскиот ден на театарот се прославува на различни начини во речиси сто национални центри на ИТИ низ светот и од многу членови на светската театарска заедница.
На Светскиот ден на театарот во театрите низ целиот свет претставите почнуваат со читање на меѓународна, а во некои земји и на национална порака. Македонскиот ИТИ центар од 1997 година го одбележува денот на театарот и со македонска порака.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.