| четврток, 6 декември 2018 |

ЕСС:Политичката криза да не влијае на договорените економски и социјални политики

ess

Разгледување на постигнатите резултати од досегашното функционирање на трипартитниот социјален дијалог на национално и локално ниво, како и можностите и приоритетните области на делување во наредниот период, беа главни теми на денешната седница на Економско-социјалниот совет со кој претседаше министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

– Членовите на Советот се согласни дека предизвиците со кои се соочува земјата поврзани со долготрајната политичка криза не треба да се пречка за остварување и натамошно динамизирање на дијалогот. Времето до формирањето на новата влада треба ефективно да се искористи за да се поттикне имплементацијата на веќе усвоените економски и социјални политики- истакна министерот Ибрахими.

Тој, осврнуваќи се на функционирањето на ЕСС во изминатиот период, истакна дека е постигнат евидентен напредок, како во неговото институционално зајакнување, така и во остварувањето на неговата советодавно-консултативна улога при креирањето и спроведувањето на економските и социјалните стратегии и политики.

Во овој дел, додаде Ибрахими, членовите на Советот разгледаа, дадоа мислења и поддршка за имплементација на повеќе проекти како Македонија вработува, Акцискиот план за вработување млади, за минимална плата…

– Во решенијата кои поминаа на Советот еден од најзначајните е Законот за минимална плата за кој ние како Влада посредувавме меѓу синдикатите и работодавачите. Горди сме на тој Закон, но сепак во наредниот период ќе обрнеме внимание на зголемување на минималната плата, истакна Ибрахими.

Висината на зголемувањето, додаде, не може да се одредува паушално и таа треба да биде договорена меѓу социјалните партнери.

Со овој став се согласува и претседателот на Организацијата на Работодавачи на Македонија Ангел Димитров.

– Нашиот став околу минималната плата е јасен, ако се почитува Кконвенцијата за минимална плата на МОТ, тогаш нема да има никаков проблем во одредувањето на висината. Таа треба да биде донесена врз база на консензус и сеопфатна дискусија, таа не може да ја донесе ниту само владата ниту работидавачите. Во изминатиот период растеа платите во сите сфери, особено во трудоинтензивните дејности. Тоа е резултат и на Законот за минимална плата, но и поради недостигот на работници, што ги принудува работодавачите да даваат поголеми плати. Растот мора да продолжи инаку ќе останеме без работници- рече Димитров.

Тој посочи дека со комплицирање на политичката состојба во Македонија покрај тоа што трпел бизнисот на некаков начин трпел и социјалниот дијалог.

Изминатиот период рече, е зацврстена улогата на ЕСС, па се надеваме дека со формирањето на идната влада  Советот ќе ги има сите услови навистина да биде ефикасно советодавно тело.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митровски истакна дека социјалните партнери во Македонија особено по 2010 година со воспоставувњаето на новиот систем на социјален дијалог преку воспоставување на ЕСС како советодавно тело покажале дека има капацитети да се гради еден ваков концепт кој од формирањето дал повеќе резултати, како што се, „низа историски закони од типот на минимална плата, измените во Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за мобинг.

– Практиката покажува дека секогаш има можност за повеќе. Кризата со која се соочуваме покажа дека имаме сериозни предизвици и во рамките на тоа во овој период едни од најважните стратешки документи коишто се влезени во Програмата на ЕСС ќе бидат протоколот за социјален напредок кој се фокусира на низа значајни прашања, особено во делот околу минималната плата, преку градење посебна стратегија за плати во Република Македонија, потоа предизвиците со кои се соочуваме во Законот за работни односи во однос на договорите за определено и неопределено време за да обезбедиме поголема сигурност на работниците…, како и можностите да се развива синдикалното организирање на работниците и колективното договарање со работодавачите- рече Митревски.

Економско-социјалниот совет е трипартитно тело, формирано од Владата на Република Македонија и социјалните партнери за водење на социјален дијалог, заради создавање на услови за економска и социјална стабилност и остварување на темелните вредности  на Република Македонија како демократска и социјална држава. 

Економско-социјалниот совет, согласно Спогодбата, е составен од 12 членови:четири члена именува Владата на РМ, четири члена именуваат репрезентативните здруженија на работодавачи на територијата на Република Македонија и четири члена именуваат репрезентативните синдикати на територијата на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top