По незаконски изречената мерка притвор за сопственикот на ТВ Нова, Сеад Кочан, вработените во неговата компанија и во споменатата телевизија веќе неколку дена протестираат пред Апелациониот суд барајќи правда за Кочан, а денес ТВ Нова излезе и со соопштение за овој случај.
Во прилог интегрално целото соопштение од ТВ Нова:
Почитувани колеги, Телевизија Нова во моментов се соочува со незаконски притисок од страна на СЈО кој не може да се протолкува никако поинаку освен како обид за цензура и обид зазамолкнување на слободните медиуми.
Целта на поведената истрага и неоснованото барање за притвор против сопственикот на ТВ Нова е обид за финансиска блокада на медиумот преку која би се влијаело на нашата работа и би се обиделе да не замолкнат во нашите напори објективно да ја информираме јавноста за се што се случува.
Членот 10 од европската конвенција за човекови права е јасен. „Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа“ – член 10 од ЕКЧП Слободата на медиумите е основа на секоја демократија. Правото на граѓаните да добијат точна, проверена и навремена информација е неприкосновено за секоја демократска земја.
Тоа што го прави СЈО во моментов е сериозно погазување на демократијата и ограничување на слободата на медиумите. Денес на удар на СЈО е ТВ Нова, а утре на ваков удар може да биде кој било медиум.
Почитувани колеги, затоа ни е потребна вашата солидарност и вашата поддршка. ТВ Нова може да биде репресирана и прогонувана, но ќе остане слободна, објективна и на страна на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.