Македонската филхармонија вечер во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт насловен „Чајковски: Смеа и тага“ на кој како солист ќе настапи виолончелистот Иштван Вардаи од Унгарија.
Вардаи свири на легендарниот инструмент Страдивариус „Ди Пре-Харел“ (1673), виолончело кое пред него било во сопственост на познатата Жаклин ди Пре. Пред македонската публика ќе настапи со Рококо варијациите за виолончело и оркестар од Чајковски.
Под диригентската палка на Кејс Скалионе, оркестарот на Македонската филхармонија по подолго време ќе ја изведе Шестата симфонија насловена „Патетична“ од Чајковски, која се смета за најубавите симфонии на сите времиња.
– Авторот ја создал непосредно пред неговата смрт, во мигови на депресија и сомнеж во својот креативен дух. Чајковски, незадоволен од резултатот, често ја кинел партитурата, но, по бројни исправки, почнал да верува дека тоа е можеби еден од неговите најдобри трудови, сметајќи дека таа е ’завршен камен на целото негово творештво’ и ’најискреното дело кое некогаш го напишал’“, информира Филхармонијата.
Рококо варијациите за виолончело и оркестар оп. 33, пак, се смета за едно од најомилените дела во литературата за виолончело. Чајковски бил инспириран од Моцарт, а за да го создаде ова дело му помогнал Вилхелм Фиценхаген, германски виолончелист и негов колега, професор на Московскиот конзерваториум. Чајковски токму за него ја напишал композицијата, а Фиценхаген прв ја извел во Москва во 1877 година, под диригентство на Николај Рубинштајн.
Унгарскиот виолончелист Иштван Вардаи (1985) дебитирал во Хаг на 13 години, по што настапувал во Њујорк, Лондон, Париз, Прага, Виена, Минхен, Франкфурт, Москва, Токио…, соработувајќи со врвни оркестри и диригенти како што се Адам Фишер, Хауард Грифит, Николас Паскет, Маркус Бош… Добитник е на многу награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и три награди на „Давид Попер“ во Будимпешта (2000, 2003 и 2004), специјална награда „Емануел Феурман“ во Берлин, прва награда на „Јоханес Брамс“ во Австрија.
Во 2007 година станува лауреат на престижниот меѓународен натпревар „Чајковски“, а во 2008 година на 63. Интернационален натпревар во Женева. Во 2012 година, пак, ја добива престижната „При Монтблан“ како еден од најнадежните млади музичари во светот, а во 2014 година престижната АРД на натпреварот по виолончело во Минхен.
Иштван Вардаи, заедно со виолинистот Кристоф Барати, е уметнички директор на водечкиот фестивал на камерна музика во Унгарија – „Капосфест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан