| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните во иднина нема да мораат да поднесуваат годишна даночна пријава

Од Упрвата за јавни приходи најавуваат нови законски измени по однос на пријавувањето на персоналниот данок од доход.

Мухедин Авдиќ, раководител на секторот за услуги во УЈП, информира дека заклучно со завчерашниот ден се поднесени 362.523 годишни даночни пријави и дека до крајот на рокот се очекуваат да бидат поднесени уште 40.000-50.000 пријави. Тој најави дека УЈП работи на нов проект, кој ќе значи дека нема да треба даночните обврзници да поднесуваат ГДП, туку дека ќе се доставува за потврдување или корекција пополнета пријава врз основа на добиените податоци од исплаќачите на приходи во текот на годината.

Инаку, досега најмногу пријави се доставени во Скопје 144.066, Штип 62.786, Прилеп 49.085, Битола 45.701, Струмица 32.868 и во Тетово 27.345 годишни даночни пријави.

Од Управата информираат дека во идниот период ќе се реализира проект со кој обврзниците ќе немаат обврска да поднесуваат приајви, туку ќе доставуваат потврда или корекција на пополнетата пријава од страна на УЈП.

За да им излезат во пресрет на граѓаните и да не се создаваат турканици пред шалтерите, Авдиќ информира дека денеска шалтерите на УЈП ќе работат за прием на ГДП до 20 часот. УЈП за поднесување ГДП отвори и дополнителна канцеларија сместена во зградата на ССМ, а ГДП во Скопје може да се поднесе и во општината Чаир и во Регионалната дирекција – Скопје. Во Регионалната дирекција – Скопје, пак, може да поднесат ГДП и даночни обврзници што привремено престојуваат во Скопје.

Денеска истекува рокот до кога граѓаните може да поднесат годишна даночна пријава за остварени дополнителни приходи во текот на 2016 година. Во Управата за јавни приходи очекуваат да бидат поднесени околу 420.000 пријави, а од нив по електронски пат околу 2.000.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top