Ако бев демократ, ќе се плашев, и тоа многу.
Заборавете на вообичаената димна завеса на партиското дрдорење на Чак Шумер во интервју за емисијата „Мит д прес“ или на огромниот број повици за главата на Трамп од вообичаените осомничени личности од медиумите и разгледајте ја ситуацијата: конгресни комисии, ФБИ, а да не ги споменуваме многубројните медиумски организации и којзнае кој друг (НСА? ЦИА? …?) веќе подолго време ја испитуваат евентуалната соработка на Трамп со Русија, но досега не успееја да најдат ама баш ништо.
Дали постојат шанси да откријат нешто значително во овој момент? Речиси, сигурно, не.
Така, сега Трамп упатува обвинувања кон Обама на „Твитер“ дека го прислушувал. Обвинувањата доаѓаат откако „Брајтбарт“, Марк Левин, Ендру Мекарти, Луиз Менш и други, кои сум ги заборавил или за кои не знам, известуваа за две барања до судот ФИСА (една одбиена минатото лето, а една одобрена во октомври) за дозвола да се прислушуваат телефоните во кулата „Трамп“. Дали има вистина во тоа?
Се чини дека некој вид прислушување, всушност, и се случило затоа што тоа беше речиси признато во пишувањето на „Твитер“ на авторот на говорите на Обама, Џон Фавро, кој стапи во акција само неколку часа по активноста на „Твитер“ на Трамп, кој напишал: Јас би бил внимателен во врска со изјавите на Обама дека не се прислушувало. Ниту тој, ниту Белата куќа не дал таква наредба. Кевин Луис, портпарол на поранешниот претседател, речиси истовремено одговорил: Ниту претседателот Обама, ниту некој претставник на Белата куќа наредил да се прислушува некој граѓанин на САД. Дали наредил? Тоа го нарекувавме разумно негирање.
Трамп сака тоа да се истражи, заедно со другиот дел од претпоставениот хаос со Русија. Во меѓувреме, „Њујорк тајмс“, кој е близок до Демократската партија, објави дека самиот Џејмс Коми побарал од Министерството за правда да негира дека некогаш постоело такво прислушување – или барем така кажуваат изворите на весникот. И самиот „Тајмс“ поинаку гледаше на тоа до пред само неколку месеци. Исто така, поранешниот директор на националното разузнавање на САД, Џејмс Клапер – познат по лагата за НСА – ги уверуваше медиумите во врска со прислушувањето. – Не можам да го негирам тоа, рече тој. (Секако дека можеш.)
Во меѓувреме, Барак и Мишел Обама, место тивко да си заминат од политичката сцена во Вашингтон, како што направија претходните претседатели, или тие во поново време, се преселија во еден локален имот со својот постојан придружник Валери Џарет, како Барак никогаш да немал намера да замине и очекува да служи трет мандат.
Моја претпоставка е дека сето ова ќе се сведе на тоа дали поранешниот претседател знаел за прислушувањето – кој го дозволил и од каде доаѓа и, ако е така, кога се случило тоа? Исто така, и како реагирал Барак и што сторил за тоа?
Во интервју за „Фокс њуз сандеј“, сенаторот Том Котон беше прашан дали панелот на Комисијата за разузнавање на Сенатот ќе го разгледува евентуалното прислушување на Трамп, а неговиот одговор беше – секако.
Сега за тоа зошто ќе се плашев ако бев демократ. За да се истражи тоа, не мора да сте некој суперискусен адвокат како Ендру Мекарти. Еден стар ‘рѓосан брич ќе ја заврши работата, само сменете го сечилото и поставете некои очигледни прашања, кои, на некој начин, беа игнорирани од страна на медиумите изминатиот викенд. Тие прашања може најдобро да се постават под заклетва од страна на Конгресниот комитет. Подоцна, тие можеби ќе треба да се решат и на суд.
Дали државниот обвинител (во овој случај Лорета Линч), обично, ја информира Белата куќа за одлука да се оди на суд ФИСА за одобрување прислушување политички претседателски противник? Дали Линч ја информирала Белата куќа? Дали имало некаква дискусија за оваа одлука меѓу Белата куќа и Министерството за правда? Зошто Министерството за правда решило да се врати во судот ФИСА во октомври по втор обид за одобрување? Чија идеја било тоа? Дали тие имале дополнителни информации? За што се работело? Дали името Трамп било вклучено при првиот обид, но испуштено во вториот? Зошто? Ако ништо од тоа не се случило, кој го измислил и зошто? Тоа нема никаква смисла, со оглед на тоа колку е лесно да се негира. Освен, се разбира, иако тоа не би требало да се случи, НСА редовно да прислушува сè и секого, па дури и претседателските кандидати, новоизбраниот претседател и самиот претседател. Но, зошто тогаш на 12 јануари оваа година, повторно според „Њујорк тајмс“, администрацијата на Обама ненадејно ги проширила овластувањата на НСА?
Би можел да продолжам, но веќе ја сфативте поентата. Можностите тука се бескрајни. И „Викиликс“ веќе ја откри широката употреба на прислушувањето на Обама. Тоа е долга листа. Ништо особено ново тука, освен, ако тоа воопшто се случило, прислушувањето на неговиот најважен противник во нашата демократска република, загрозувајќи многу основи на нашата земја и правејќи го Никсон да изгледа како аматер
Нема сомневање дека демократите ќе се кријат зад националната безбедност, но тоа не може да трае вечно. Луѓето на лидерски позиции како сенаторот Котон имаат право на факти – и тие ќе ги добијат на крајот, можеби и за брзо време, затоа што администрацијата на Трамп ќе се погрижи за тоа. Исто така, и тоа е тоа што луѓе како Шумер и републиканецот Адам Шиф добро го знаат – Трамп, најверојатно, бил прислушуван од повеќе извори. Ако не бил, од каде доаѓаат сите овие протечени информации? Од Марс?
Автор: Роџер Л. Симон, новелист, сценарист и косопственик на „Пи-Џеј мeдија“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.