| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел со поддршка за „ЕУ со две брзини“

Германската канцеларка Ангела Меркел е меѓу европските лидери кои не ја исклучуваат идејата за „Европска Унија во две брзини“, што би значело дека во Унијата би можеле да функционираат различни нивоа на интеграција меѓу земјите членки.

Меркел за време на средба со францускиот претседател Франсоа Оланд, шпанскиот премиер Маријано Рахој и италијанскиот премиер Паоло Џентилиони, изјавила дека некои земји членки треба да имаат храброст за да одат напред, доколку другите не сакаат да учествуваат во некои проекти.

– Европа со различни брзини е неопходна инаку веројатно ќе се најдеме заглавени. Ако Европа заглави и не се развива понатаму, тогаш овој процес може да влезе во опасност многу побрзо од што можете да замислите, изјави Меркел во Версај на мини европскиот самит на кој во пресрет на ЕУ самитот в петок се разговарало за подлабока соработка во Унијата, но и за можноста земјите членки да учествуваат само во одредени проекти кои им одговараат.

Според францускиот претседател Оланд, „единството не значи униформност“, а за идејата за различно ниво на интеграција во ЕУ согласни се и Шпанија и Италија, чиј премиер Џентилиони се залага за поголемо единство кое дозволува различно ниво на интеграција.

Оваа позиција за четирите европски држави е логична и поради фактот што Европската Комисија и сега прифаќа и финансира проекти што не ги вклучуваат сите земји членки во исто време.

Како примери за „Европа во две брзини“ најчесто се споменуваат Шенген зоната, во која учествуваат 22 членки на ЕУ и четири држави кои не се дел од Унијата, како и Еврозоната во која партиципираат 19 од 28 земји членки на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top