Иван Бекјарев (70) е српски филмски и театарски актер со македонско потекло. Во измината недела беше во Скопје, како дел од екипата што го промовираше српскиот филм „Зоне Замфирова 2“ каде што толкува една од улогите. Додека ја чекавме екипата на „Зоне 2“ неколку лица стрпливо чекаа да дојде Бекјарев, претставуваќи се дека му се роднини.
Родителите на Бекјарев потекнуваат од Македонија. Неговиот татко пред почетокот на Втората светска војна дошол во Белград, а мајката Радмила, која потекнува од Гевгелија, во Белград дошла во 1945 година.
Бекјарев славата ја здоби со улогата на Вујковиќ во телевизиската серија „Бањица“ и со Ставан Курчубиќ во „Подобар живот“. Во неговата богата кариера се запишани многубројни театарски и филмски улоги. Повеќе од 30 години беше член на Југословенско драмско позориште, а работеше и како професор по глума на Академијата „Браќа Кариќ“.
Во интервју за неделникот „Република“ вели дека доаѓа во Македонија бидејќи тука има многу пријатели и роднини.
Во филмот „Зона Замфирова 2“ го толкувате ликот Стратимир. Кој е Стратимир? Може ли да ни кажете нешто повеќе за ликот?
БЕКЈАРЕВ: Стратимир е новинар во филмот. Тој е хроничар на времето во кое се одигрува дејството. Можеби е и шпион. Во секој случај, тој запишува што се случува во местото и, се разбира, тоа го објавува во весниците. Можеби тоа е и „жолт печат“ бидејќи објавува и трачеви. Тоа не е голема улога, но е многу ефектна. Сите ние старите актери во „Зоне Замфирова 2“ сме во служба на младите актери, кои се одлични . Ние сме поддршка на младите актери, кои ги играат главните улоги. Ние повозрасните играме споредни улоги.
Вашето потекло е од Македонија. Дали доаѓате често тука? Имате ли роднини и пријатели во Македонија?
БЕКЈАРЕВ: Па да, доаѓам често. Имам и пријатели и роднини. Во Белград сме само јас и мојот брат со своите семејства, а сите други роднини ни се во Скопје и во Гевгелија. Доаѓам често, но би можел и почесто.
Имате богата актерска кариера, како на филмското платно, така и во театар. Имате ли нешто посебно да издвоите?
БЕКЈАРЕВ: Па, сигурно, најдобар е тој период, кој, за среќа, беше долг, повеќе од 30 години бев член на „Југословенско драмско позориште“ во Белград. Последните 20 години, главно, се префрлив во педагогија. Работев како професор на академија и сега сум пензионер. Се пензионирав како професор. Но, актерите никогаш не одат в пензија. Јас и понатаму работам. Еве сега на филм, снимив уште еден филм, чијашто премиера беше во јануари. Сега треба да почнам да работам една серија. Имам една претстава во театар. Мислам дека со таа претстава наскоро ќе биде организирана и турнеја низ Македонија. Претстават се вика „Риалити пресметка“. Текстот е на новинарот Вања Булиќ. Во претставата има три лика, кои ги толкуваме јас, Даница Јефтиќ и Игор Дамјановиќ. Мислам дека таа претстава многу брзо ќе ја види и македонската публика. Има работа, тоа е најважно.
Дали улогата на Стеван Курчубиќ Ви ја одбележи кариерата?
БЕКЈАРЕВ: Па, да. Јас имав среќа да глумам во една во друга серија. Популарноста на улогата во новата серија често ја победуваше популарноста во старата серија. Така прво беше серијата „Бањица“, која, на еден начин, и ме прослави и за која во анкета на македонскиот весник „Вечер“ бев прогласен за телевизиска личност на годината во тогашна Југославија во конкуренција со Линда Еванс и „Династија“. Во серијата толкував лик на убиец и добив пет илјади гласа повеќе од Линда Еванс. По таа улога дојде и „Подобар живот“ и улогата на Курчубиќ. Мислам дека тие две улоги ја одбележаа мојата телевизиска кариера.
Глумевте во хит-серии како што се „Отпишани“, „Враќање на отпишаните“, „Бањица“, „Подобар живот“, „Среќни луѓе“…
БЕКЈАРЕВ: Имав среќа секоја нова улога во нова серија да ми биде попопуларна од улогата во претходната серија. Не останав актер на една улога и една серија, туку ете, луѓето ме препознаваат од многу серии – и смешни, и сериозни. Тоа е многу добро.
Со години работевте и како професор по глума на Академијата за уметност „Браќа Кариќ“. Како ви се чини, има ли талентирани млади актери?
БЕКЈАРЕВ: Има многу талентирани, но, за жал, пазарот е помал, има сѐ помалку работа, а сѐ повеќе актери. Тоа е голем проблем. Но, се разбира, конкуренцијата раѓа и квалитет. Секое зло има и добро. Но, има талент и тоа е сигурно. Мора да се има и среќа, се разбира. Ниту еден талент не успеал без работа. Тој што мисли дека само со талент ќе направи нешто, тој ќе пропадне, сигурно.
Одите ли често в театар? Што најчесто гледате?
БЕКЈАРЕВ: Па, одам, колку што можам, иако, можеби, би требало и почесто да одам. Пред сѐ, одам в театар кога ќе ме поканат моите поранешни студенти, кои сега се познати актери. Ја следам нивната работа. Тие редовно ме канат на претставите или, пак, на премиерите на филмовите.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 235. број на неделникот Република кој излезе во печат на 4.03.2017 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.