| четврток, 6 декември 2018 |

„Ден на читателот“ во НУБ „Св. Климент Охридски“

Манифестација „Ден на читателот“ посветена на читателите во Република Македонија ќе се одржи денеска напладне во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Од библиотеката информираат дека подготвена е програма чија цел е поттикнување на интересот за читање, за купување или позајмување книги, како и желбата да се посети некоја од библиотеките во Македонија.

– Во чест на „Денот на читателот“, секој што ќе дојде да го проследи настанот, но и сите учесници во програмата, ќе добијат по една вредна книга како подарок, најавуваат од Националната и универзитетска библиотека.

Манифестацијата ќе ја отвори Иван Заров, директорот на НУБ, а посетителите ќе можат да проследат повеќе содржини како претставување на првиот број на списанието за промоција на издавачката дејност – „Издаваштво“ и соопштување на резултатите од Конкурсот за необјавени песни и поетско читање.

Предвиден е и мотивациски говор на Коста Петров како еден од најчитаните современи творци во Македонија насловен „Како да ја креирате сопствената најдобра верзија“. Петров, кој минатата година го доби признанието Најчитан автор за 2015 година, ќе ја додели наградата Најчитан автор за 2016 година во јавните библиотеки во Македонија.

Како што посочуваат од НУБ, најчитаниот автор се одредува во соработка со јавните библиотеки во Македонија кои им испраќаат списоци со пет автори чии книги биле најчесто позајмувани во нивните библиотеки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top