| четврток, 6 декември 2018 |

Во напуштено католичко прифатилиште во Ирска пронајдени 800 скелети на бебиња и деца

Откритието ги потврдило повеќедецениските сомнежи дека поголемиот дел од децата од домот биле закопувани на неозначени места, што инаку било вообичаена пракса во таквите католички објекти затоа што стапката на смртност на почетокот на 20-ти век во Ирска била многу висока

Масовната гробница со посмртни останки на бебиња и деца е откриена во некогашниот дом за грижа на самохрани мајки, а домот бил управуван од Католичката црква во Ирска.

На местото на некогашното прифатилиште била откриена структура поделена на 20 комори кои што содржеле „значајни количини на човечки остатоци“, соопшти судијката која што го води овој процес. Покрај тоа, ирските власти потврдија дека во гробницата има најмалку 800 скелети на бебиња и деца.

Комисијата извршила анализа на избрани остатоци и утврдила дека станува збор за тела на возраст од 35 седмици до најмногу три години. Покрај тоа, анализите потврдиле дека остатоците потекнуваат од периодот од 1925-та до 1961-ва година.

Утврдено е дека најмногу деца на тоа место биле закопани во 1950-та година кога тој објект бил само еден од десетте слични објекти во Ирска кои што биле прифатилишта за децата без родители, самохраните мајки и нивните деца. Домот бил затворен во 1961-ва година.

Откритието ги потврдило повеќедецениските сомнежи дека поголемиот дел од децата од домот биле закопувани на неозначени места, што инаку било вообичаена пракса во таквите католички објекти затоа што стапката на смртност на почетокот на 20-ти век во Ирска била многу висока.

Комисијата која што била формирана од ирската влада во 2014-та година ги пронашла посмртниците на речиси 800 деца кои што живееле во тој дом, но имало само две гробни ознаки.

Британски „Гардијан“ потсетува дека на почетокот од 20-тиот век па и со децении подоцна, самохраните мајки и нивните деца се сметале за дамка на сликата за Ирска како една побожна католичка нација. Тие биле проблем за нивните татковци, посебно за моќниците како свештениците и богатите луѓе, но и оженетите мажи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top