| четврток, 6 декември 2018 |

Деветтото издание на фестивалот БОШ почнува во Скопје

Деветтото издание на Фестивалот БОШ ќе почне во Скопје, на трети март, петок, во соработка со Младонскиот културен центар (МКЦ) во 21 часот.

Најавени се настапите на Џани Друид, „The Cyclist Conspiracy“ и „Lenhart Tapes“, а со тоа истовремено се најавува и едицијата Ремек-дела – издавање на независни цртачи на сито-штампа, во различни формати, што произлезе од соработката со „Ново доба фестивал“ од Белград.

pablo-19

Прв во оваа едиција ќе биде претставен Кирчо Арсовски – Брат Улизица, кој е автор на цртежот кој се најде на плакатот за БОШ 9 – Глас, а дизајн на Јоана Пересито – Јоана Маркаде – Мот. Партнер на настанот е Јадро – асоцијација на независната културна сцена, донатор Гете-институт – Скопје.

Џани Друид е алхемичар во донкихотска борба за кршење на музичките табуа на Балканот. Со техника на Тројански коњ, Џани го внесува Аца Лукас во drum&bass матрица, Халид Муслимовиќ во џез-варијанта, ги спојува „Iron Maiden“ со романски Цигани, од Брена прави краутрок…Во тој процес понекогаш врши минимални измени, играјќи си намерно со тежината на товарот, која е врежана во колективната свест од неброени повторувања на песните по медиуми, а понекогаш ги мутира своите оксиморонски миксови до целосно непрепознавање, додавајќи во живо свои отсвирени инструменти, ономатопеи, повици и пеење на српски и ромски јазик.

Оркестарот „The Cyclist Conspiracy“ е постава на Малите браќа за Мистеријата на последното време. Своевремено зачнат како неформален проект во рамките на, сега веќе непостојното Друштво за развој на алхемичарски студии „Васко Попа“, денес e состав од десетина машки и женски музички души. Иако во себе спојува музичко влијание од најразлични делови на светот, оркестарот се труди да избегне површен, модерен електицизам и целата своја креативна енергија ја насочува кон синтеза на претпоставени елементи. Било да се во прашање Византиското Царство или тајните номадски пустински патишта; задимена крчма преполна со „манги“ и раскалашени жени или степа со небо само за шамани; психоделичен и турски рок; Блиски или Далечен Исток; патувањата на кои циклистите одат, никако не претставуваат потрага за светлост на овој свет. Тие патувања понекогаш укажуваат на симболична потрага за Константинопол, срцето на Византија, а всушност тие се секогаш во потрага за правата светлост на срцето – Агапе.

„Lenhart Tapes“ е доказ дека аудиокасетите сè уште не заминале во историјата. Години наназад со пасија создава музика која потекнува од нивно време, но и ја изведува користејќи ги токму нив – аудиокасетите. Може да се каже дека „Lenhart Tapes“ е проект кој креира музичка помија, користејќи аудиокасети и четири вокмени на кои микса модерни, традиционални, авангардни и треш состојки и ги рециклира во незастанувачка спирала од лупови и транс. Владимир Ленхарт, како басист и гитарист, бил член на бендовите Клопка за пионира, Памба и Петрол, а касетите… тоа е веќе друга приказна, бидејќи само со голема страст и љубов се создава нешто што може да го промени светот и да фрли поинаква светлина на нештата, да создаде нов светоглед.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top