| четврток, 6 декември 2018 |

Рама: Без Албанците нема Македонија

„Господине Иванов, албанскиот јазик не им припаѓа на вашите непријатели, туку на уставотворен народ во земјата, без Албанците нема Македонија“, порача во средата вечер албанскиот премиер Еди Рама на својот твитер профил, како реакција на говорот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и одлуката да не му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Иванов претходно изјави дека не планира да го даде мандатот за состав на нова влада на „човек што преговара за туѓи платформи“, алудирајќи на платформата на албанските партии во Македонија која беше донесена по средба на челниците на ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците, со Рама и со косовскиот претседател Хашим Тачи.

„Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија. Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ги рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“, пишува во албанската платформа.

Од Иванов се очекуваше да го даде мандатот на Зоран Заев, лидер на опозициската СДСМ, кој успеа во минатиот период да обезбеди потребни потписи од мнозинство пратеници, услов поставен токму од претседателот, откако првиот мандатар, по одржаните избори на 11 декември, Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, не успеа да состави влада во законски определените 20 дена.

Заев ги доби потписите од пратениците на ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, за да го добие мандатот, а ДУИ чекаше тоа да се случи за да свика Централно претседателство, на кое ќе одлучи дали ќе влезе во Владата на Заев или ќе делува од опозиција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top