Не може да се обвинуваат сите муслимани поради варварските убиства на терористичките организации, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на средбата на Организацијата за економска соработка (ЕЦО), што се одржува во Исламабад.
– Ние треба да бидеме внимателни во однос на плановите кои имаат за цел да го вовлечат нашиот реон во судири на етничка и секташка основа и хаос, посочи Ердоган.
Тој додаде дека муслиманските држави не можат да ја доведат во опасност стабилноста „поради интересите на странски земји во реонот“.
– Наш првичен долг е да го изгаснеме огнот на раздорот на места како Сирија, Ирак и Јемен и да ставиме крај на крвопролевањето, наведе турскиот претседател.
Тој исто така апелираше за поголема солидарност со „нашите браќа во Северен Кипар“, кој според него се „подложени на неправедна изолација“.
Ердоган ја потенцира неопходноста од решавање на политичките спорови меѓу земјите членки на ЕЦО и за заеднички напори во борбата против тероризмот.
– Ние треба да ги земеме работите во свои раце, наведе Ердоган.
Тој се осврна и на темата Нагорно Карабах истакнувајќи дека Минската група во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не успеала да изнајде мирно решение за конфликтот.
Тој ги повика земјите членки на ЕЦО и на Организацијата за исламска соработка заедно да работат за изнаоѓање на решение на конфликтот и оти треба да биде поставувано прашањето на секоја меѓународна средба за „поведението на окупатор“ Ерменија.
ЕЦО е формирана од Турција, Иран и Пакистан во 1985 година, а во 1992 година се придружија седум нови членки – Авганистан, Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Таџакистан, Туркменистан и Узбекистан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.